Лафчиски за дилемите со неговото унапредување: Не коментирам укази и наредби кои се согласно закон

По прашањето што во јавноста се отвори околу неговото поставување за началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски во својата прва изјава за медиумите на оваа тема денеска рече дека не сака да коментира укази и наредби кои се согласно закон.

Лафчиски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот што Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неодамна го отвори за неговото назначување на функцијата, по поднесена претставка.

За тоа дали бил исконтакиран од ДКСК, Лафчиски директно одговори – „не“ и појасни дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

„Второ, пред сè, јас сум војник, гледате дека носам униформа, тука сум пред сè да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а најмалку би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон“,рече Лафчиски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој беше извршено примопредавање на опрема од Република Турција за Армијата.

Надоврзувајќи се на Лафчиски, свој коментар даде и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој изрази уверување дека во случајот со новиот началник на Генералштабот на Армијата сè е согласно закон и согласно сите прописи.

Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од Антикорупциска во врска со претстваката и дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок.

„Да, стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и, се разбира, од страна на началникот, односно Генералштабот. Претпоставувам дека, исто така, има доставено и до претседателката, така што сите заеднички ќе одговориме, но јас сакам сите да ве уверам дека е согласно закон и согласно сите прописи“,рече Мисајловски.

Back to top button
Close