СЕРИОЗЕН ИНЦИДЕНТ

Министерката за финансии лидерка и на сметководствена контрола?

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Фејсбук им се заблагодари на Управата за јавни приходи (УЈП), Министерството за внатрешни работи (МВР), Бирото за јавна безбедност и Царинската управа, затоа што со неа цел ден спроведувале акција за собирање докази за даночно затајување. Дел од нив биле директно со неа во Струмица, а некои во други градови.

До вчера си мислев дека министерка за финансии се занимава со финансиска политика. Не знаев дека работата ѝ е да прави сметководствени контроли.

Министерката Димитриеска-Кочоска пред десетина дена на еден подкаст кажа дека навечер оди низ зградата на Министертвото и ги гаси светлата по канцелариите. Вели: „Во 11.30 навечер, кој работи, ако јас не сум дала согласност?“. И раскажа дека во Министерството немаат репрезентација за кафе туку сами си купуваат ама „и тоа им го бројам, им велам, не трошете многу“. Веројатно ги прекорува, вода да не трошат, а и струја за загревање на ѓезвињата.

Арно ама, изгледа дека на министерката ѝ се здосадило од гасење светла и броење кафиња, па си рекла, ај сега малку да одам во акција да ми се пополни денот. Па, според она што го пишала на Фејсбук – „денес заедно со мене цел ден неуморно работеа“ – како таа да била лидерка на акцијата. Таа ги водела и инспекторите на УЈП и МВР. Не знам зошто не ги зела со себе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за правда Игор Филков. Апси, суди и – чао пријатно, решен криминалот, а ни 100 дена од Владата не се поминати. Утре, кога ќе тргне во акција, нека го викне и Стојанче Ангелов да им ги крши вратите на фирмите.

Димитриеска-Кочоска е министерка. Не е истражителка, не е инспекторка, не е сметководителка, не е ревизорка. Не е пратеничка од опозицијата. Таа е политичарка на власт. Со многу одговорности и со многу моќ. Во некои земји, учеството на министер за финансии во собирање докази кај осомничени за кривични дела заедно со полицијата и истражители од обвинителството, би се сметало за политичко мешање во истрагата. Не сум правник, ама мислам дека дури и за нашиов, не баш нормален суд би биле проблематични така собрани докази.

Туку, настрана тоа, којзнае колкава штета била направена во самото Министерство за финансии додека министерката била на терен. Колку ли кафиња се испиле, колку ли светла останале неизгасени.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк

Back to top button
Close