Од прегратки до гневни зборови и бездна

Поранешниот министер за надворешни работи на Израел, Шломо Бен-Ами, во својот неодамнешен текст „Зошто Римската империја сѐ уште е важна“ пишува зошто античкиот Рим толку многу одекнува кај модерната публика и што е она што историјата може да нѐ научи. Римската Република ја формираше основата на западната политика и култура. Рим беше клучна инспирација за модерната либерална демократија. Мислата и делата на американските „основачи татковците“ беа натопени со римски идеали, а Соединетите Држави беа претставени како нов знаменосец на републиканската слобода.

Рим исто така е приказна за една демократска република која станува автократија кога ќе подлегне на фрустрација на народот, кога се газат политичките норми и широко распространет копнежот за лидер „силен човек“, пишува Шломо Бен-Ами.

Тој вели дека за Израелците, Рим е нешто сосема друго: приказната за Римската империја го евоцира сеќавањето на егзилот, истовремено нагласувајќи ги потенцијално катастрофалните последици од неуспехот да се размислува реално. Најважен е бунтот што Симон бар Кохба го водеше против Римската империја почнувајќи од 132 н.е. што резултираше со ужасен пораз и уништување на еврејскиот живот во Јудеја, чие име беше трајно сменето од императорот Хадријан во Палестина.

 

Во војна не се оди без поддршка

Покојниот шеф на израелското воено разузнавање, генерал Јехошафат Харкаби, во својот влијателен труд „Синдромот на Бар Кохба: Ризик и реализам во меѓународните односи“, напиша дека „неодговорниот чин на национално самоубиство“ на Бар Кохба им всади на Евреите „восхит за бунтовноста и хероизмот одвоени од одговорност за нивните последици“. Давид Бен-Гурион, основачот на модерната држава Израел, имаше поинаков начин на размислување: никогаш не пркоси на суперсила или не оди во војна без поддршка.

Оваа приказна речиси и да нема никава врска со македонскиот случај, но барем во неколку странични моменти може да се извлечат поуки – она што го вели Бен-Гурион: никогаш не пркоси на суперсила или не оди во војна без поддршка. На премиерот Христијан Мицкоски не може да му се забележи дека ги променил ставовите од последните две години кога беше во опозиција. Мицкоски за време на првата посета на Брисел го кажа она што го зборуваше цело време – дека тој и неговата партија нема да прифатат уставни промени по „бугарски диктат“. И дека Македонија била жртва на многу понижувања во минатото.

Неговата реченица во изјавата по разговорот со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел – дека правилото на консензус или едногласност за прашања за кои одлучуваат заедно европските лидери на самит, била ултиматум – неодоливо потсети на онаа „славна“ изјава на Мартин Треневски кога во 2010 година пред да замине за амбасадор во НАТО (поставен од Никола Груевски) рече дека ќе оди во Алијансата да ја реформира одвнатре и дека таму ќе ги спори принципите на консензус и солидарност. Па имало пријателски и непријателски земји. По гневот во македонската јавност и во Вашингтон, ситуацијата мораше да ја спасува самиот Груевски кој тогаш рече дека Треневски не бил добро разбран и дека главна цел на владата и натаму е членството на Македонија во Алијансата. Груевски изјави дека се чини оти има несоодветен вокабулар во неговото излагање или дека не се изразил најдобро. Мартин Треневски, сепак, отиде во НАТО и ниту го реформираше одвнатре, ниту успеа да ги спори принципите на консензус. Неговиот мандат помина невидливо.

Во последните месеци пред изборите и веднаш по нив Мицкоски и другите врвни лица околу него велеа дека ќе се обидат да ја променат преговарачката рамка со директни разговори со властите во Софија. Ако двете влади се договорат за некакви растегливи рокови, одложено дејство на уставните измени, можеби почитување на некои од пресудите во Стразбур, попријателско зближување не е исклучено и заедно да произлезе предлог за промени во преговарачката рамка. Тоа подоцна беше претставено како „француски предлог плус“.

 

Огромна бездна

Од тие благонадежни идеи сега нема ништо, сѐ е фрлено во една огромна бездна со заеднички труд на Софија и Скопје. „Јас сум подготвен да разговарам со секого, колку што е тоа потребно, додека не најдеме вистински пат, којшто нема да биде понижувачки“, рече Мицкоски во Брисел.

Нема што да им се забележи на овие зборови. И треба да се поддржи во тој негов обид. Прашањето е што може да добие македонската држава доколку тие негови разговори се оддложат на незнајно време. Неговата вчерашна изјава ја навестува траекторијата по поја ќе се движи Македонија „додека сум јас премиер“: „Бевме во многу групи што предводеа во евроинтеграциите. На почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од неа, потоа бевме во група со Хрватска, па излеговме, па во група со Србија и Црна Гора за и таа група да нѐ претрка, а еве сега и Албанија ќе нѐ претрка“. Ако ја исклучиме грешката со Романија и Бугарија – Македонија не влезе во онаа позната Агенда 2000 која ги одреди наредните десетлетија за проширувањето – она што го кажува Мицкоски е точно и дека сите нѐ претркуваат. Последната во овој натпревар ќе биде Албанија, која го очекува отворањето на првите кластери до крајот на годината. Македонија ќе остане со Босна и Херцеговина и Косово. Додека и тие не нѐ претркаат.

Тогаш, навистина ли „одиме во војна без поддршка“? Војна не во буквален смисол на зборот, туку „дипломатска и политичка војна“ со ЕУ и Бугарија.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, веќе беше во повеќе европски престолнини да ја претстави новата македонска политика, а најавува дека ќе посети уште неколку клучни градови за кусо време. Може ли да се надева на успех дека барем ќе ги натера тамошните дипломати да размислат уште еднаш за условите кои во овој момент Македонија не може да ги прифати. Тешко е да се каже. Само посетите на шефот на дипломатијата нема да го направат пресвртот. Потребна е широка дипломатска акција во која ќе бидат вмрежени многу искусни професионалци и луѓе за лобирање. И разбирање за реалноста на големата политика.

Српските власти минатата недела најавија дека ќе почнат глобална „дипломатска офанзива“ за правата на Србите во Косово и ако е можно отпризнавање на Приштина. Неколку искусни поранешни српски и југословенски дипломати појаснуваат како може да изгледа целата „дипломатска офанзива“.

Според овие дипломати, искуството покажува дека меѓународните односи не се форум за размена на научно докажани „посилни“ аргументи, туку пред сѐ, судир на интереси каде одлучуваат надмоќта и силата. Ова е основната фрустрација која е особено тешко за државите кои немаат изворна сила ефикасно и со некаква позитивна перспектива да ги надминат своите кризи, туку деструктивно бегаат во митологии и авторитарни модели на владеење.

Во министерствата на земјите-домаќини или на други места, внимателно ќе ги примат српските дипломати за истото косовско прашање, ќе ги сослушаат, ќе им се заблагодарат, ќе кажат дека информациите им се корисни, ќе постават неколку прашања и готово. Според нив, „офанзивата“ не е сојузник на дипломатијата, туку тоа е систематичноста и планот. Тоа што го уништува политиката, ниедна дипломатија не може да го поправи.

 

Прегратката на Сиљановска и Јотова

Политиката драматично ги уништи оние два-три висечки мостови над бездните што постоеја меѓу Бугарија и Македонија. Случајот со знамето се претвори во скандал од галакатички размери. Подметнување на Румен Радев? Наивност на протоколот на Гордана Сиљановска-Давкова? Неформална посета, самопоканување на Сиљановска, културна дипломатија, намерно објавување на фотографиите без знамето на веб-страницата на македонската претседателка? Во една приземна „битка со фотографии“ Мицкоски му покажува слики без знамето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Во исто време европартеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, му испраќа фотографии на Вархеји на кои се гледа дека Мицкоски го пречекале во Загреб кај претседателот Зоран Милановиќ без македонско знаме. Па изјавите на потпретседателот на владата дека Бугарите не се цивилизирани и дека се мизерни, па експлозија на гнев во Софија и закани од ГЕРБ дека ќе побара од Европската народна партија ВМРО-ДПМНЕ да биде исклучена од членството… Работите преминаа многу граници. Дали ќе има враќање назад? Кој знае. А уште сега може да се види кој ќе има поголема штета.

Она што најмалку се споменува е како Сиљановска им се фрлаше во прегратки на Радев и потпретседателката Илијана Јотова. Па истата таа Јотова пред една година беше еден од бугарските политичари врз кој се истураше најмногу гнев овде затоа што отиде во мисија во Албанија со ресурси и притисок да ги преобрати тамошните Македонци да се заведат во пописот како Бугари, ветувајќи им пасоши. И успеа во тоа со помош на бугарската дипломатија.

Во Голо Брдо и Елбасан Јотова отвори бугарски училишта. Успеа да го раздели тамошното македонско ткиво и со пасоши да привлече многумина да станат дел од „бугарското национално малцинство“. Јотова зборуваше дека има огромна злоба кон сѐ што е бугарско во Македонија. Таа беше истурената рака на бугарската држава за бугаризација на оние што сакаат да се бугаризираат во македонија, Албанија и во Гора во Косово. Таа ја водеше бугарската поворка во Битола при отворањето на клубот „Иван Михајлов“.

И насмената Сиљановска, обидувајќи се да покаже нов пристап, прво се фрли во прегратка со Радев, а потоа со Јотова. Многу од Македонците во Албанија, кои се борат со малициозната пропаганда на Софија превртуваа со очите и мавтаа со главите. Тие помислија дека македонската претседателка ја предала нивната кауза и макотрпната борба. Минативе месеци таа прими две делегации од Македонците во Албанија кои ѝ раскажуваа за бугарската специјална војна и големите притисоци. Да не зборуваме за огромниот дел битолчани кои не можеа да поверуваат во она што го гледаат.

Можеби за некои повисоки цели се потребни и прегратки. Но ако претсдателката на Македонија на својата официјална веб-страница не пишува на која земја е шеф на државата, ако во официјалните соопштенија никаде не се наведува чиј претседател е, ако при заклетвата не го изговори официјалното име на државата, скандалот со знамето се сведува на едно обично прашање: ако претседателката на државата избегнува во сите случаи да го споменува името на сопствена земја што треба да направи протоколот на еден сосед кој сака да подметнува. Прашањето не е од уличен разговор, туку извонредно суштинско.

И најпосле – дали забележавте дека околу ова повторно разгорување на „замрзнатиот конфликт“ меѓу Скопје и Софија ниту ЕУ ниту САД не реагираа со ниту еден збор. Тие го пофалија тоа што Сиљановска ќе оди во Софија, а оттогаш молк. Самите може да заклучувате зошто е тоа така.(dw)

Љупчо Поповски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close