Премиерите на Албанија и Северна Македонија ги остварија целите: Рама – на нацијата, Мицкоски на партијата и олигархијата

Држењето на земјата во статус на екс-ју територија што подалеку од интеграциите е тридецениски проект скопската југо-олигархија преку нејзините политичари и медиуми и политичари.
Тоа прво се спроведе преку бегање од „Агендата 2000“ во 1996-97 низ ТАТ и интервенцијата на полицијата во Гостивар и Тетово.
Тогаш РМ требаше да биде дел од пакетот ЕУ-проширување заедно со Словенија, но надвладеа определбата Скопје да остане логистика на Белград во спроведувањето на апартхејдот на Милошевиќ во Косово. Втор пат тоа се спроведе со антиквизацијата, која требаше да го „цементира“ спор за името, а обид да се спречат интеграциите беше и 27 април 2017.
Најавата за нова самоблокада на Северна Македонија беше јасна со предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ: Отфрлањето на „францускиот предлог“ кој е државна обврска утврдена во Собранието беше основата на кампањата на Мицкоски и Силјановска-Давкова.
Однесувањето на министрите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и „флексибилноста“ на ВЛЕН кон рокот за донесување на уставните дополнувања јасно укажаа дека оваа Влада нема намера да ја прифати Преговарачката рамка како патоказ за дебилатеризација на спорот меѓу Скопје и Софија и за бајпас на отворените прашања низ процесот на преговори на Скопје со Брисел.
Доктринарно, пак, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека всушност не сака да исцрта јасна разлика меѓу Македонците и Бугарите на што инсистира „францускиот предлог“ – низ впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ одделно од македонскиот народ.
Со тоа ВМРО-ДПМНЕ оди и против интересот на македонскиот народ, и, закочувајќи го преговарачкиот процес, против националниот интерес на (граѓаните на) Северна Македонија во целост.
Но, со предлогот одложено да ги впише Бугарите (Хрватите, Словенците, Црногорците, Египќанците…) во Уставот, ВМРО-ДПМНЕ признава и колку не верува во македонскиот народ, одбивајќи со дополнувањето на Преамбулата институционално да ја гарантира рамноправноста на Македонците со припадниците на останатите етнички заедници, запишани во Преамбулата или не.
Со својата владина политика, заклучно денешната изјава на премиерот Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ всушност ја опиша сопствената стратегија на дестабилизацијата на Северна Македонија.
Таа дестабилизација ВМРО-ДПМНЕ ја проектира во судирот на етно-нацијата втемелена на супремација со нацијата на рамнопавни граѓани на Републиката.
Иако реално,со години е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ бега од решение што ја води Северна Македонија во ЕУ за да да ја држи земјата надвор од:
– заедничкиот пазар – на кој фирмите на скопската југо-олигархија не се конкурентни, па можат да профитираат само во затворената економија на ваква земја,
– заедничката европска безбедносна, надворешна и одбранбена политика – за која нејзиното партиско раководство не е безбедносно компатибилно и,
– владеењето на правото и трансграничната борба со корупцијата како извор на малигни влијанија – за потребите на обете претходно набројани категории.
Впрочем, целта одвојување на Северна Македонија од преговарачкиот „пакет“ со Албанија не е нова и на неа предупредував уште во мандатот на екс-министерот Димитров кога требаше да си веруваме во приказните дека сме „лидери во регионот“ и дека „Албанија ќе не влече назад“.
Но со продолжувањето на преговорите на Албанија со ЕУ по скринингот и турата самооправдувања на Белата Палата зошто тоа не е случај со нас – паднаа маските на коалицијата на деловите од партиите од власта и опозицијата што меѓу Брисел и ЕУ наспроти „Отворен Балкан“ на Белград – го избираат второто.
Оттука, изборните резултати 2024, колку и да се поразителни за опозицијата – всушност се и можност: во партиите во опозицијата нема дилема дека нацијата на Северна Македонија припаѓа во ЕУ.
Опстојувањето на поддршката за „францускиот предлог“ и преговорите за членство во ЕУ со сите придобивки за државата и за граѓаните низ процесот, заедно со кадровското екипирање со доследните застапници на оваа политика – е основата на следните политички (изборни) соочувања.
Затоа што од вчера, изборот меѓу власта и опозицијата е избор меѓу партијата наспроти нацијата на Северна Македонија и македонскиот народ во неа.

Back to top button
Close