Ѓорѓиевски: Градоначалниците на Карпош и на Струмица да се вразумат и да ја преиспитаат одлуката за напуштање на ЗЕЛС

Претседателот на ЗЕЛС Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, апелира до градоначалниците на Карпош, Стевчо Јакимовски, и на Струмица, Костадин Костадинов, „да се вразумат“ и да ја преиспитаат својата одлука за излегување од Заедницата на единиците на локална самоуправа.

Ѓорѓиевски го оцени за несериозен потегот на двајцата градоначалници зашто, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјалните медиуми, а другиот преку прес-конференција. За одлуките на Јакимовски и Костадинов рече дека не е официјално информиран како претседател на ЗЕЛС, а до овој момент, како што посочи, нема стигнато официјално барање за излегување на овие две општини од Заедницата.

Додаде дека се обидел, но не успеал да стапи во контакт со градоначалникот на Струмица, а со градоначалникот на Карпош успеал да исконтактира. Јакимовски му кажал дека има проблеми со одредени министри, а на прашањето дали се обратил до ЗЕЛС за ова, рекол дека мора некако да реагира зашто има проблем со централната власт.

„Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните. Апелирам малку посериозно да погледнат на овие нивни потези“изјави денеска претседателот на ЗЕЛС.

Back to top button
Close