Спасовски: Ребалансот е признание за промашените економски политики на Владата

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска на седницата на Комисијата за финансирање и буџет оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот претставува признание оти Владата не ги исполнила ветувањата дадени при неговото донесување во декември 2025 година.
Според Спасовски, со ребалансот се крши Законот за буџети, а наместо да придонесе за стабилност и развој, се намалуваат средствата што треба да ја поттикнат економијата.
Тој истакна дека со предложениот ребаланс буџетскиот дефицит се зголемува на 4,1 проценти, што, како што рече, е над законски предвиденото фискално правило.
Спасовски посочи и дека зголемувањето на капиталните расходи не значи реализација на нови проекти, туку исплата на претходно преземени обврски, меѓу кои и проекти финансирани со унгарскиот кредит. Според него, тоа е спротивно на претходните тврдења на Владата дека за овие проекти нема фискален проблем.
Тој потсети дека Владата при донесувањето на Буџетот за 2026 година прогнозираше економски раст од 3,8 проценти, додека со ребалансот проекцијата е намалена на 3,1 процент.
Според Спасовски, истовремено расте и задолжувањето, кое, како што наведе, се зголемува од 121 на 140 милијарди денари, додека проекцијата за инфлацијата е ревидирана од 2,5 на 4,5 проценти.
Во своето обраќање тој рече дека јавниот долг се приближува до 60 проценти од бруто-домашниот производ, што, според него, дополнително го стеснува фискалниот простор на државата.
Спасовски додаде и дека ребалансот, според него, покажува дека постојат проблеми со повратот на ДДВ, оценувајќи дека Владата сè уште нема понудено системско решение за ова прашање, објави Скопје1.мк






