ВИДЕО: Од воздух снимена катастрофата во Валенсија – автопат преплавен со расфрлани возила!
Воздушните снимки ја покажуваат апокалипсата што се случи во Шпанија, откако разорните поплави однесоа најмалку 95 животи. Најтешко беше погодена Валенсија, каде спасувачите користеа хеликоптери за да ги извлечат луѓето заробени во пороите.
На снимката што ја објави шпанската полиција се гледаат спасувачки операции извршени од хеликоптер.
Автопатот е целосно поплавен, додека во близина се натрупани автомобили кои беа однесени од поплавата.
Снимките од воздух ги откриваат размерите на катастрофата во Валенсија
Речиси целиот регион што го посетија спасувачите е под вода и единствен начин да се дојде до луѓето е со хеликоптер.
Еден мост целосно се урна по поројната поплава, а многу луѓе исчезнаа. Локалните власти наведуваат дека потрагата по исчезнатите е во тек.
Овие апокалиптични сцени го обиколија светот, а шпанскиот премиер Педро Санчез денеска ќе оди во Валенсија.
🚨Seguimos trabajando sin descanso en colaboración con el resto de servicios de emergencia en #Valencia #DANA pic.twitter.com/wzHh6sQJKa
— Policía Nacional (@policia) October 30, 2024
Тој изрази сочувство до семејствата на настраданите и најави поддршка од Владата за санирање на последиците од поплавите.
Војската на улиците на Валенсија
Санчез рече дека Шпанија ќе ја пружи сета можна помош, а доколку е потребно помош ќе пружи и ЕУ.
Во регионот на Валенсија во моментов без струја се околу 155.000 потрошувачи, пренесува RTVE.
Владиниот делегат во Валенсија, Пилар Бернабе, предупреди дека бројот на жртвите се очекува да се зголеми, додека воената единица за итни случаи распореди повеќе од 1.000 членови во регионот.
Цивилната гарда соопшти дека распоредила 750 агенти и извршила 2.500 спасувачки операции.
Властите, исто така, соопштија дека судската палата во градот Валенсија била претворена во привремена мртовечница поради очекуваниот пораст на жртвите.
Во средата шпанската влада прогласи тридневна жалост за жртвите од поплавите.
Властите потврдија дека 92 лица загинале во провинцијата Валенсија, едно во провинцијата Малага и две во Кастиља-Ла Манча, објави Ел Паис.
Во Кадиз на сила е црвен метеоролошки аларм поради опасност од поплави, а во Валенсија поплавите и одроните однесоа патишта, згради и автомобили.
– Започнува процесот на рехабилитација и идентификација на жртвите – соопштија денеска локалните власти.
Поплавите предизвикаа големи прекини во железничкиот и воздушниот сообраќај низ јужна и источна Шпанија.
– Се соочуваме со ситуација без преседан – изјави денеска за новинарите шефот на регионалната влада на Валенсија, Карлос Мазон.