За Оливера Николова
Почина Оливера Николова – македонската писателка најпозната по култното дело „Зоки Поки“.
„Зоки Поки“ (и другарка му Лидија) останаа меѓу најпознатите ликови во македонската детска литература. Како една од најплодните писателки, таа беше и иноватор во драматургискиот простор. Преку ТВ серии и радио-драми како „Зоки Поки,“ „Среќен пат, Зоки!“ и „Девојките на Марко,“ таа ја вметна својата уникатна чувствителност и го внесе духот на секојдневниот живот во македонскиот медиумски простор. Николова постојано ги истражуваше мотивите, формите и сензибилитетите на децата, правејќи ја нејзината литература свежа и инспиративна.
Со преку 50 години активна книжевна кариера, таа успеа да ги освои највисоките награди и признанија, меѓу кои „Стале Попов,“ „Рациново признание,“ „Роман на годината“ и престижната награда „ПрозАРТ“ за придонес во развојот на балканската литература. Претседателот Стево Пендаровски и ја додели Орденот за заслуги, признавање кое, како што рече тој, одамна требала да го добие
ОЛИВЕРА НИКОЛОВА – НАЈСВЕТЛАТА ПАРАДИГМА НА МАКЕДОНСКАТА СОВРЕМЕНА КУЛТУРА
-Она што ни се случува случајно, всушност е последица на она што требало да ни се случи- од романот, „Тесна врата“, Оливера Николова.
Во македонската современа книжевност, па и култура, реткост е да сретнете преплетување на длабока мисла која извира од генијалноста на спознанието, мудро стилско, естетски и етичко моделирање на таа мисла без трошка јазична претенцизоност, едноставност од која се чувствува татнеж и вриеж на искусените и согледаните животни ситуации, ненаметлива маестралност на структурата на дејствието, длабока интроспекција, ликови и ситуации во кои сме сите ние соочени со нашите бездни, но не низ оној тежок и торжествен начин типичен за нашето миље, туку низ еден ликовен, сликарски минималистички гест. Сето тоа го поседуваше единствената Оливера Николова – најсветлата парадигма на македонската современа култура.
Оливера Николова, таа тивка, мудра, и бескрајно моќна жена ни го подари со своето творештво светот на нашето детство и на нашата зрелост – оној свет кој можеби не сакаме некогаш да го забележиме. Таа ги правеше најубавите плетива, везови, шнитови на книжевното животно знаење, кое беше база на нашето животно искуство.
Македонската книжевност и култура во творештвото на Оливера Николова го имаа својот најбуен извор на теми, контексти, интелектуални и емоционални лаборатории. Нејзината книжевност е токму тоа – волшебна лабораторија на човечката психологија, на животните предизвици во релациите.
Заминуваат најмудрите, најдаровитите, најзаслужните за она што сме.
Благодарна сум за секој нејзин збор, за сета нејзина гласна тивкост.
Искра Гешоска
Она што најмногу ми се допаѓаше во прозите за возрасни на Оливера Николова беше нејзината способност мајсторски да ги користи деталите. Таа умееше да создава литература речиси од ништо. Од најмала животна ситница создаваше нуклеус на смисла од кој ситуацијата се плете и се расплетува, станува показател за некоја човечка драма. Деталите во нејзините раскази се ширеа, концентричните кругови на нивната смисла се разгрануваше, опфаќајќи многу површини и длабочини. Плетката на деталите кај неа беше густа и таинствена, нивното расплетување уште повеќе ги згуснуваше. Оливера Николова беше мудра писателка, која добро знаеше дека ние сме заплеткани во животните поттексти, во триењето помеѓу кажаното и молкот, а најчесто мистеријата на егзистенцијата не може да биде ништо друго освен мистерија.
Владимир Јанковски
Ти благодарам, драга Оливера, за сѐ што направи за сите нас, што беше дел од нашето детство, што со тебе растеа генерации, што нѐ инспирираше да правиме убави нешта… ти благодарам и за сите споделени мигови во твојот прекрасен, топол дом, со твоите колачиња и кифлички, со сите совети, охрабрувања и поттикот да продолжам да го правам тоа што го правам. Бескрајно ќе недостигаш 💔
Билјана Црвенковска
Фала за детството и надежта, Оливера Николова 🕊🎈
Ана Јакимска