Министерство за енергетика: Подигнати над 90 отсто од ваучерите на купување клими

Од министерството велат дека со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп, доделувањето на ваучерите и денеска се одвива на истите локации

Процесот на доделување на ваучери за купување на инвертер-клими успешно се реализира, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во текот на вчерашниот ден, кога почна доделувањето на ваучерите, според информациите од Министерството од локациите во повеќе градови биле подигнати над 90 отсто.

Во Скопје, од спортскиот центар „Борис Трајковски“ во текот на вчерашниот ден биле поделени 79 отсто, додека во спортска сала „Боро Чурлески“ 64 отсто од предвидените ваучери.

Од министерството велат дека со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп, доделувањето на ваучерите и денеска се одвива на истите локации.

„Во моментов на трите локации нема редици и процесот тече во добар ред согласно предвидената динамика. Министерството ги известува сите оние кои сè уште ги немаат подигнато своите ваучери дека истото можат да го сторат од понеделник, па до крај на ноември, во просториите на Министерството кое се наоѓа на почетокот на улица „Македонија“ спроти Музеј на Град Скопје“,наведуваат од Министерството.

По повикот од министерството упатен до граѓаните што добиле ваучери за клими да дојдат на предвидените локации вчера предизвика метеж и огромни редици пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Граѓаните, што беа дојдени уште рано утрото, со часови чекаа во долгите редици за да влезат и да ги потпишат договорите.

Во целиот метеж на еден повозрасен граѓанин му се слоши по што мораше да интервенира Брза помош.

Back to top button
Close