Руските пратеници усвоија закон со кој се забранува промовирање живот без деца
Руските пратеници денеска усвоија закон со кој се забранува промовирање живот без деца, во контекст на демографската криза влошена од конфликтот во Украина и одбраната на „традиционалните вредности“.
Текстот допрва треба да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот на 20 ноември и да го потпише претседателот Владимир Путин.
Според законот, лицата кои го промовираат животот без деца во медиумите, на филм или во реклами можат да бидат казнети со околу 4.000 евра, функционерите со двојно поголема сума, а правните лица со најмногу 47.000 евра.
„Го усвојуваме овој предлог-закон за да ги заштитиме нашите млади луѓе од бескорисни идеологии“, рече Нина Останина, претседателка на Комитетот за семејна политика на Думата, Долниот дом на Парламентот.
Покрај одбраната на „традиционалните“ вредности, законот има за цел да придонесе за решавање на демографската криза во Русија, наследена од советската ера, која властите никогаш не можеа да ја запрат и покрај пронаталните мерки.
Кремљ во јули ја оцени таа ситуација како „катастрофална за иднината на нацијата“.
Во 2023 година, стапката на наталитет во Русија беше 1,41 дете по жена, според руската агенција за статистика Ростат.