Поранешниот лидер на француската екстремна десница Жан-Мари Ле Пен во болница

 Поранешниот лидер на екстремната десница во Франција, Жан-Мари Ле Пен (96), е хоспитализиран од почетокот на неделата заради медицински анализи, соопшти неговото опкружување за агенцијата Франс прес, пренесува Бета.

„Состојбата му е променлива“, изјавиле истите извори, демантирајќи ги „неоснованите“ гласини дека таткото на политичарката Марин Ле Пен е прикован за кревет.

На Ле Пен, кој во 2002 година стигна до вториот круг на претседателските избори, здравјето му се влошува последниве неколку години.

Тој е на судење за случај на проневера на средства на пратеници од неговата поранешна партија, Национален собир, во Европскиот парламент. Поради неговата здравствена состојба, неговиот случај е одвоен од случаите на другите обвинети пратеници.

Судот утврди дека здравјето на Ле Пен е значително влошено и дека не е во можност да присуствува на рочиштата или да се подготвува за својата одбрана.

Неговата ќерка Марин Ле Пен на крајот од септември на судот изјавила дека тој не е во состојба да го следи судењето.

Марин Ле Пен и нејзините две сестри од февруари го презедоа старателството над татка си, што им овозможува да носат одлуки во негово име.

Back to top button
Close