„Волстрит журнал“: Трамп подготвува нацрт указ за поефективно разрешување на непослушните генерали
Тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за преземање на власта разгледува нацрт-извршна одредба со која може да се оформи „одбор на воини“ составен од пензионирани високи воени лица со овластување да ги разгледува офицери со три и четири ѕвезди и да препорачува отстранување на оние кои се сметаат за неспособни за лидерство, јави синоќа „Волстрит журнал“.
Со овој указ Доналд Трамп би можел полесно да отстранува генерали и адмирали за кои ќе се утврди дека „немаат неопходни лидерски квалитети,“ пишува изданието. Во претходниот мандат тој имаше проблеми со генерали кои понекогаш не извршуваа негови наредби. Но, тоа би можело да создаде и обесхрабрувачки ефект кај воените офицери од повисоките ешалони, со оглед на претходната закана на избраниот претседател да отпушти „воук генерали,“ мислејќи на офицери кои промовираат различност во воените редови на сметка на борбената готовност.
Како врховен командант, Трамп може да отпушти било кој офицер по своја волја, но надворешен одбор чиј членови тој ги именува би го заобиколил редовниот систем на унапредување во Пентагон, а со тоа се дава сигнал на целиот воен апарат дека има намера да отстрани одреден број генерали и адмирали.
Во нацрт-наредбата се наведува дека целта е да се воспостави преглед кој се фокусира „на лидерски способности, стратешка подготвеност и посветеност кон воената извонредност.“ Во нацртот не е прецизирано што треба да направат или да покажат офицерите за да докажат дека ги исполнуваат тие стандарди. Нацрт-одредбата потекнува од една од неколкуте надворешни политички групи кои соработуваат со тимот за преземање на власта и е една од многуте извршни наредби кои овој тим ги разгледува.