Службените возила ќе добијат таблички во боја за повеќе да не се злоупотребуваат, најави директорот на СОЗР

Сите службени возила ќе бидат обележани со специјални регистарски таблички во боја за да се избегне нивната злоупотреба, најави директорт на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.

„Одлучивме да воведеме специјални таблици во боја, а регистарот паралелно да го работиме во текот на годината. Правилникот го имаме донесено и сега се чека на потпис на министерот за внатрешни работи. Тие специјални таблици бројат околу 6 500 за сите возила на територија на цела Македонија“изјави Томовски во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Покрај ова, директорот на СОЗР најави дека ќе се воведат и телефонски линии на кои граѓаните ќе може да пријават злоупотреба на автомобилите, по кои потоа ќе се постапува.

На 17 септември годинава, Владата на предлог на СОЗР донесе одлука за воведување посебни регистарски таблички во боја за авомобилите на државните институции. Од Владата тогаш соопштија дека е формирана комисија за отпочнување на измените и дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и на Законот за возила со кои, како што посочија, ќе се воспостави регистар на сите државни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја.

Предлогот за воведување регистарски таблички со посебна боја, која ќе овозможи лесно идентификување на службаните возила, првично ја иницира претходниот состав на Антикорупциската комисија.

Back to top button
Close