ЈСП со „врзани“ тркала, Скопје во хаос

На 21-ви ноември Скопје се разбуди без јавен градски превоз, чиј колапс се случи вчера. Во училиштата се пребројуваат – кој дошол, кој не дошол, како што беше и во вчерашната попладневна смена. Поради недостиг на гориво, вчера во сообраќај беа само 25 автобуси, а останатите останаа паркирани во автобазите на ЈСП во Автокоманда и Ѓорче Петров.

Граѓани уште од синоќа се саморганизираа во групи со заедничко користење приватен превоз за да стигнат на работните места, се множат повици секој што има празни места во возилото да подзастане покрај авотбуските постојки и да покаже солидарност. Такси здруженијата уште синоќа биле бомбардирани од повици и молби.

„Уште синоќа имавме многу повици со барања за резервации на возила за утрово, но за жал, не правиме такви резервации. Притисокот од повици само покажува во каква ситуација се ставени граѓаните. Едни стравуваат дека ќе ги пропуштат закажаните термини во болници а немаат блиски кои би ги одвезле, студенти имале рани испити на факултетите, други молат за возило за да не пропуштат интервју за вработувања… Никогаш не сме биле под ваков притисок“, велат од скопско такси здружение.

 

Колоквиумска недела

Колапсот со јавниот превоз се случува кога за студентите е во тек колоквиумската недела, а најкритични се раните термини за полагање. Дваесет годишен студент од Кавадарци кој го користи јавниот превоз синоќа не беше сигурен дали поради големиот притисок ќе успее да најде такси возило.

„Единствената опција што ми преостанува е да тргнам пеш час и половина претходно, со оглед дека факултетот ми е далеку од студентскиот дом, а терминот за полагање е закажан во 8 часот. Ова не само што ни го компликува обврските, туку е и удар врз студентскиот стандард“, вели тој.

А тој е само еден од големото семејство студенти незадоволни од услугите на ЈСП, дури и кога превозот колку толку функционираше, дури и со задоцнувања. Од Универзитетското студентско собрание при УКИМ до градоначалничката на Скопје и ЈСП вчера испратија ултиматум со барање за итно воспоставување на редовни линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз, како што велат – со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард. Ако тоа не се случи до крајот на денешниот ден (21.11.), ова студентско тело кое претставува 28.000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се приклучи масовно на организираниот протест утре (22.11) за да го изрази огромното незадоволство од менаџирањето на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Оттаму апелираат да почне реализацијата на предвидените инфраструктурни проекти, како што е проектот Bus Rapid Transit, воведување на градска железница, набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, изградба на велосипедска инфраструктура и поддршка за алтернативни видови на транспорт. „Доколку не можете да ги исполните ветувањата дадени во програмата, но и силните барања на граѓаните на вашиот Град, оставката секогаш е отворена опција“, и порачаа на Арсовска од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

За в петок протест претходно најави градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, поради незадоволство на жителите од општината што немаат редовни автобуски линии.

 

Итна седница на Советот

Заради кризата со јавниот превоз во Скопје, СДСМ иницираше итна седница на Советот на Град Скопје.

„Состојбата е алармантна. Градските улици се гушат во смет, градскиот превоз не функционира, а градот е оставен без основните услуги што ги заслужуваат граѓаните. Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје”, најави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој ги повика сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад тоа барање и да се одржи седница во најкус рок.

„На седницата ќе предложиме конкретни мерки кои верувам дека заеднички ќе ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Потребно е обединување заради интересите на скопјани. Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град“, изјави Филипче.

Претседателот на Советот, Трајко Славески, синоќа објави дека е закажана седница за денеска во 18 часот.

 

Од Градот обвинуваат за сценарио

Од Градот Скопје вчера преку писмено соопштение одговорноста за кризата ја префрлија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со став дека „станува збор за смислено сценарио“.

„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио”, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Критиката се однесува на фактот што пред една недела била поништена постапката за набавка на гориво по инструкции на Бирото за јавни набавки.

Во член 177 став 3 од Законот за јавните набавки е наведено дека „доколку Бирото најде неправилности кои влијаат врз исходот на постапката, ќе даде инструкции што треба да преземе договорниот орган за да ги отстрани неправилностите или да ја поништи постапката доколку во оваа фаза од постапката истото не е можно“.

ЈСП не ја искористило можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите кои му се на располагање. А нив ги има во член 178 од Законот. Во него се вели дека Договорниот орган е должен да постапи согласно со инструкциите на Бирото, освен доколку не достави дополнително образложение. А може да достави дополнително образложение во рок од три работни дена од денот на добивањето на записникот за извршена управна контрола. Потоа Бирото, во рок од пет работни дена од денот на добивањето на дополнителното образложение, ќе одлучи дали да го прифати и да го дополни и измени првичниот записник, доколку се согласува со доставеното дополнително образложение од страна на договорниот орган.

Back to top button
Close