Кристоф Ле Риголер: Северна Македонија е кредибилна членка на НАТО, може да сметате на француската поддршка за модернизација на Армијата
Иако соработката меѓу Париз и Скопје постоеше и пред пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, членството во Алијансата обезбедува дополнителна рамка за соработка и солидарност во областа на одбраната, посочува новиот француски амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер во интервју за МИА.
– Северна Македонија, која сега треба да ги исполни капацитетните цели што произлегуваат од нејзината обврска во НАТО, може да се потпре на своите односи со Франција и нејзината воена експертиза за модернизација на својата Армија, особено во рамки на Договорот за соработка во одбраната, потпишан на 14 октомври 2022 година. Набавката на системите „Мистрал“ е конкретен пример за силните врски меѓу нашите две земји, вели Ле Риголер.
Тој додава дека НАТО-сојузништвото е рамка која нуди можност и за засилен политички дијалог.
– Членството на Северна Македонија во НАТО, исто така, овозможува зајакнат политички дијалог за безбедносните политики, регионалната стабилност или за управувањето со меѓународните кризи. Сакам да ѝ честитам на г-ѓа Радмила Шекеринска за нејзиното именување на функцијата заменик генерален секретар на НАТО, што го илустрира кредибилитетот на Северна Македонија како членка на Алијансата, вели меѓу другото францускиот амбасадор.
Прашан за ставот на Париз за тоа дали враќањето на Трамп во Белата куќа ќе донесе промена во американско-европските односи и приоритетите на Брисел, тој посочува на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на последниот самит на Европската политичка заедница и неговата порака дека Европејците треба да можат самостојно да ги бранат своите вредности и интереси.
– Време е да го промениме нашиот пристап и да го поставиме прашањето на поинаков начин. Мора да престанеме да се позиционираме како помал партнер чии надежи или стравови зависат од развојот на американската политика. Претседателот на Републиката, Емануел Макрон, потсети на тоа на 7 ноември во Будимпешта, за време на самитот на Европската политичка заедница. Ние, Европејците, мора да бидеме подготвени да ги браниме нашите интереси и вредности, без да очекуваме дека други актери ќе го направат тоа место нас. Затоа Франција сака да развие реална европска стратешка автономија. Не станува збор за доведување во прашање на нашите сојузи, туку за зајакнување на европскиот столб во рамките на нашите сојузи. Наместо да коментираме за потенцијалните ефекти од американските избори, да ја насочиме нашата енергија кон градење на моќта и стратешкото единство на Европа во однос на заканите кои стануваат сè побројни. Северна Македонија има своја улога во оваа колективна авантура, вели амбасадорот Ле Риголер.
Во контекст на војната во Украина и враќањето на Трамп за претседател дали се на повидок мировни преговори за окончување на конфликтот имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст, францускиот амбасадор посочува дека преку поддршката за Украина, работиме во интерес на мирот на европскиот континент и во светот.
– Треба да се потсетиме на очигледното. Украина е жртва на руската агресија, мотивирана од империјалистички проект и дестабилизација на европскиот континент. Затоа, мораме да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, а Франција е благодарна за помошта што ја дава Северна Македонија. Нашиот интерес, без оглед на идната американска позиција, е да не дозволиме Русија да ја добие војната, бидејќи тоа би ги довело во прашање границите на суверените држави од страна на империјална и експанзионистичка сила. Работиме во интерес на мирот во Европа и стабилноста во светот преку поддршката за Украина, вели Ле Риголер.
Следува целосното интервју за МИА на францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер:
Република Северна Македонија го доби 17. По ред Извештај од ЕК за напредокот на земјата на нејзиниот европски пат. Најголем дел од препораките се во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата. Ваш Коментар за Извештајот ?
-Овие препораки се однесуваат на фундаменталните реформи што се неопходни за европската интеграција. Фактот што акцентот е ставен на овие клучни прашања не е изненадување. Неколку прашања поврзани со владеењето на правото (независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал) се дел од овие неопходни реформи, чие значење постојано го истакнуваат Европската унија и нејзините држави членки. Овие препораки се сè уште актуелни и произлегуваат од реалната проценка на состојбата, како што неодамна спомена и министерот за правда.
Овие теми, се исто така меѓу приоритетните на реформската агенда претставена во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Поради ова, Франција одлучи, во својата поддршка на процесот на европска интеграција на Северна Македонија, да обезбеди тројца технички експерти во министерствата за животна средина, европски прашања и правда, со цел да ги поддржи максимално напорите во овие администрации.
Франција ја иницираше новата методологија на преговори со ЕУ, која треба да овозможи постепено интегрирање во Унијата на земјите аспиранти и оние кои веќе преговараат. Дали гледате ефекти од тоа и колку Планот за раст за ЗБ, односно принципот реформи за пари ќе помогне за спроведување на Реформската агенда усогласена со ЕК и забрзување на евроинтеграциите?
Секако, Планот за раст за Западен Балкан, преку овозможување на конкретен патоказ, ќе го олесни спроведувањето на потребните реформи. Прогресивната интеграција, која овозможува постепено зајакнување на врските меѓу државите членки и земјите кандидати пред целосна интеграција, претставува пристап кој има за цел да ги покаже придобивките од процесот на интеграција. На пример, интеграцијата на Северна Македонија во европскиот платежен систем SEPA ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија да вршат банкарски трансфери без надоместок кон и од земјите на ЕУ.
Меѓутоа, на земјите кандидати останува обврската да ги спроведат неопходните реформи, особено во областите на владеењето на правото и реформите во администрацијата. Финансирањето ќе може ефикасно да се искористи само ако државите кои го добиваат се во состојба да го потрошат. Затоа е неопходно да се зајакнат административните капацитети на Северна Македонија. Генерално, забрзувањето на процесот на интеграција во голема мера зависи од брзината на спроведување на реформите. Конечно, важно е да се потсети дека реформите првенствено ќе им користат на Северна Македонија и на нејзините граѓани.
Услов земјава да ја одржи втората Меѓувладина конференција и ги отвори преговорите по поглавја се уставните измени-содржани во преговарачката рамка темелена на францускиот предлог. Постои ли можност за француско посредување и во „француски предлог плус“, за уставни измени со одложено дејство до завршувањето на преговорите?
-Во рамки на својата Стратегија за Западен Балкан, за Франција, интеграцијата на регионот е приоритет. Затоа, Франција целосно го поддржува и ќе продолжи да го поддржува процесот што води до интеграција на Северна Македонија во Европската унија. Во тој контекст, таа е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат. Сепак, ние не сме индиферентни за чувствителноста на темата.
Неопходно е да бидеме реални и да разбереме дека не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки. Сепак, Франција е подготвена да работи и да ја искористи својата моќ на убедување за да го осигура текот на процесот на интеграција, во корист на Европската унија и на целиот Југоисточен регион на Европа.
Дали враќањето на Трамп во Белата куќа ќе донесе промена во американско-европските односи и приоритетите на Брисел?
-Време е да го промениме нашиот пристап и да го поставиме прашањето на поинаков начин. Мора да престанеме да се позиционираме како помал партнер чии надежи или стравови зависат од развојот на американската политика. Претседателот на Републиката, Емануел Макрон, потсети на тоа на 7 ноември во Будимпешта, за време на самитот на Европската политичка заедница. Ние, Европејците, мора да бидеме подготвени да ги браниме нашите интереси и вредности, без да очекуваме дека други актери ќе го направат тоа место нас. Затоа Франција сака да развие реална европска стратешка автономија. Не станува збор за доведување во прашање на нашите сојузи, туку за зајакнување на европскиот столб во рамките на нашите сојузи. Наместо да коментираме за потенцијалните ефекти од американските избори, да ја насочиме нашата енергија кон градење на моќта и стратешкото единство на Европа во однос на заканите кои стануваат сè побројни. Северна Македонија има своја улога во оваа колективна авантура.
Во очекување на новите еврокомесари и најавените реформи на ЕУ, дали се разгледува промена на принципот на консензус во одлучувањето на Унијата, има некои најави дека постои можност за одлучување по принципот 27-1?
-Европската унија и Европскиот совет секогаш биле многу креативни кога станува збор за наоѓање решение за надминување на ситуациите на блокада. Сепак, не постои формален механизам „27 минус 1“, и затоа тоа не може да биде институционализирано решение за моменталната блокада. Одлуките за проширување на Европската унија се уредени со принципот на едногласност.
Најдобрата гаранција за Северна Македонија е без сомнение да продолжи да работи посветено на своите реформи, со цел да ја зајакне својата кандидатура, чиј квалитет ќе биде препознаен од Европската комисија и државите членки.
Будимпешта овој месец, беше домаќин на состанокот на Европската политичка заедница како најширок меѓувладин форум за политички и стратешки дискусии за иднината на Европа, а меѓу нив во центарот на овој Самит, Орбан ја стави борбата против илегалната имиграција.
-Европската политичка заедница е соодветна рамка за дискутирање на предизвиците што ни се заеднички, без разлика дали сме или не сме членки на Европската унија. За прв пат од крајот на Втората светска војна, европскиот континент се соочува со предизвикот на воена агресија. Заканите што денес се надвиснуваат над Европа и над нашите вредности имаат различни извори и форми. Во овој контекст на неизвесност и зголемени ризици, Европејците имаат одговорност да се соочат со овие предизвици на колективен начин. Тоа е суштината на постоењето на оваа Европска политичка заедница, која би можела, во иднина, да третира и нови теми.
Борбата против нелегалните мигрантски мрежи е дел од тие предизвици и важно е да разговараме за тоа, бидејќи знаеме дека овие сложени прашања бараат заедничко размислување и координирано управување.
Како ја оценувате билатералната соработка по востановување на активности на Француската Агенција за развој во земјава?
-Француската агенција за развој (ФАР) започна да работи со Северна Македонија во 2019 година, кога доби мандат да го поддржи приближувањето на земјата кон стандардите на Европската унија. Политиката на ФАР се заснова на три главни столба за поддршка на Северна Македонија: процесот на европска усогласеност, зелената транзиција и одржливиот економски развој, особено во енергетскиот сектор, дигитализацијата и животната средина.
Активностите на ФАР, исто така, придонесуваат за промовирање на француската јавна и приватна експертиза во вашата земја. Првата кредитна линија од 50 милиони евра беше одобрена во 2023 година на Развојната банка на Северна Македонија, а во моментов се разгледуваат и други проекти, особено за поддршка на приоритетните политики на македонската влада.
Оваа инвестиција на ФАР во Северна Македонија е дел од пошироката стратегија за повторно ангажирање на Франција на Балканот. Сегашната динамика на француско-македонските односи го покажува ова, а проектите на ФАР се усогласени со интересот на француските компании за Северна Македонија.
Франција и Северна Македонија се и сојузници во НАТО. Колку тоа придонесува за јакнење на врските на релација Париз – Скопје?
-Иако соработката меѓу Париз и Скопје постоеше и пред пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, членството во Алијансата обезбедува дополнителна рамка за соработка и солидарност во областа на одбраната.
Северна Македонија, која сега треба да ги исполни капацитетните цели што произлегуваат од нејзината обврска во НАТО, може да се потпре на своите односи со Франција и нејзината воена експертиза за модернизација на својата армија, особено во рамките на Договорот за соработка во одбраната, потпишан на 14 октомври 2022 година. Набавката на системите „Мистрал“ е конкретен пример за силните врски меѓу нашите две земји.
Членството на Северна Македонија во НАТО, исто така, овозможува зајакнат политички дијалог за безбедносните политики, за регионалната стабилност или за управувањето со меѓународните кризи. Сакам да ѝ честитам на г-ѓа Радмила Шекеринска за нејзиното именување на функцијата заменик генерален секретар на НАТО, што го илустрира кредибилитетот на Северна Македонија како членка на Алијансата.
Од оперативен аспект, членството во НАТО им овозможува на нашите две земји да соработуваат во рамките на воени операции или вежби, со што се зајакнуваат интероперабилноста и меѓусебното разбирање.
Исто така, важно е да се потсетиме дека НАТО е основана на одбранбена доктрина, во служба на сите сојузници. Во овој контекст, значајна е вежбата за обука во балтичката зона, од 18 ноември до 15 декември, во која Франција активно учествува. Ова ја покажува решителноста, силната кохезија и интероперабилноста на НАТО силите.
Во контекст на војната во Украина и враќањето на Трамп за претседател дали се на повидок мировни преговори за окончување на конфликтот имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст?
-Треба да се потсетиме на очигледното. Украина е жртва на руската агресија, мотивирана од империјалистички проект и дестабилизација на европскиот континент. Затоа, мораме да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, а Франција е благодарна за помошта што ја дава Северна Македонија. Нашиот интерес, без оглед на идната американска позиција, е да не дозволиме Русија да ја добие војната, бидејќи тоа би ги довело во прашање границите на суверените држави од страна на империјална и експанзионистичка сила. Работиме во интерес на мирот во Европа и стабилноста во светот преку поддршката за Украина.
Културната и соработка во образование, долгата традиција на изучување на францускиот јазик во македонскиот образовен систем, како и туризмот особено историскиот, се алатки на меката моќ кои помагаат во зближување на нациите. Како да ја доближиме Македонија до француската јавност?
-Нашите две земји имаат развиено силни и стари врски. Сепак, мора да се признае дека вашата земја е недоволно позната кај француската јавност. Сепак, таа има очигледни предности, со богато културно и историско наследство, како и важни споменици за Французите, бидејќи многу од нашите војници од Македонскиот фронт денес почиваат во Скопје и Битола. Убавината на природата, на пример, квалитетот на македонските вина, претставуваат основа за развој на висококвалитетен туризам. Овој потенцијал може дополнително да се искористи преку иницијативи за зајакнување на културната и туристичката понуда, особено преку вашето дипломатско претставништво во Франција. Размената на млади луѓе, во која учествува Амбасадата на Франција во Скопје со поддршката на агенцијата Еразмус +, исто така придонесува за зближување на народите на нашите две земји. Овие иницијативи треба да продолжат и да се развиваат.
Македонија е членка на Франкофонијата. Вашето гледање за споделените вредности на Франкофонијата и коментар за влијанието на новите технологии?
-Франкофонијата е посебна заедница. Тоа е заеднички јазик, но исто така и заеднички вредности кои ги сметаме за универзални: демократијата, почитувањето на човековите права, борбата за мир, правото на образование, културната разновидност и, се разбира, солидарноста.
Јас верувам дека Франција и Северна Македонија совршено ги споделуваат овие вредности. Во свет, чија тенденција е културно да се унифицира, ангажманот на Франкофонијата за културна и јазична разновидност е клучен, особено за земји како вашата, кои може да се почувствуваат идентитетски загрозени од глобализацијата.
Новите технологии претставуваат исклучителни предности и можности. Тие, сепак, можат да ја загрозат културната разновидност или да доведат во прашање некои хуманистички вредности. Затоа Франција одлучи да ѝ го посвети деветнаесеттиот Самит на Франкофонијата во октомври на темата: “Творење, иновација и претприемништво на француски јазик”. Еден од целите на овој самит беше да се осигура дека дигиталниот простор, уредуван од големи податоци, алгоритми и вештачка интелигенција, може да продолжи да ја одразува јазичната и културната разновидност која ја сакаме.
Не можам да не ја спомнам Франкофонијата без да нагласам дека Амбасадата на Франција и Францускиот институт тесно соработуваат со македонските образовни институции за зацврстување на наставата по француски јазик во земјата. Тоа е долгорочен ангажман за да се врати местото што му припаѓа на францускиот јазик во оваа земја. Овој ангажман почнува да дава резултати и јас тоа го забележувам кога одам на посета кај професорите по француски јазик и учениците во македонските училишта. И не заборавам на улогата која ја има Француското интернационално училиште во Скопје, во кое се образуваат многу македонски деца и кое им нуди повеќејазично образование.