Реслер: Северна Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да сфати дека e дојден геополитички момент за шесте земји од Западен Балкан

Во услови кога геополитиката е променета, нема место за билатерални уцени, вели хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој е и претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Тој смета дека треба да се препознае овој геополитички момент за шесте земји од Западен Балкан и да се работи напорно следните пет години за нивно пристапување во ЕУ, јави известувачот на МИА од Стразбур.

-Денес во ваквите околности во кои ЕУ функционира после три години крвава руска агресија врз Украина, после енергетската и економската криза архитектурата на безбедносната рамка на цела Европа е изменета поради војната и драматично различни политички околности и јасно е дека последиците од овие работи се чувствуваат не само во државите членки, туку и во регионот и Западниот Балкан. Во тој контекст Северна Македонија, а и сите други држави од Западниот Балкан мораат да го искористат тоа што им се дава, сите можности и потенцијали кои им се отвораат поради таа ситуација, а тоа е пред се една свест дека пристапување кон ЕУ не е и не може да биде некаква строга формалистичко правна или административна задача, туку е многу повеќе од тоа и со себе во секој случај содржи една многу важна геополитичка димензија, рече Кеслер во изјава за македонски медиуми во Европскиот парламент во Стразбур.

Тој фактор, нагласува тој и тоа како е во корист на Северна Македонија, но исто така е јасно дека внатре во земјава како и во другите држави членки од Западен Балкан мора да одиграат уште многу важни процеси во сферите на политиката, владеење на правото, економијата и тоа се важни чекори кои земјава мора да ги изоди, со цел да биде во целост подготвена за членство во Европската Унија.

Како што Германија и беше „спонзор“ на Хрватска во нејзиното членство во ЕУ, а сега Италија и е на Албанија, Реслер смета дека Хрватска може да биде државата којашто ќе може да го поттурне пристапувањето на државава во ЕУ.

-Независно од тоа каква беше ситуацијата и кога Хрватска пристапуваше кон ЕУ, јасно е дека Хрватска е држава која е пријателски расположена према Северна Македонија, која можеби најдобро може да ја разбере и фрустрацијата, но и потешкотиите коишто произлегуваат од практично 20 години различни блокади, различни политички недоразбирања или судири и дека може, како што и сега работи со премиерот Андреј Пленковиќ да биде една од оние држави-членки на ЕУ која ќе се залага за разумно, но исто така ќе се залага и за сфаќањето дека пристапувањето на Северна Македонија е од интерес не само за југоистокот на Европа, не само во интерес на Хрватска, туку е навистина и во интерес на целата ЕУ, истакна Кеслер.

Хрватскиот европратеник смета дека со продлабочена парламентарна димензија може да придонесат Северна Македонија која, како што вели, беше практично во иста позиција како и Хрватска во 2005 година, пред 20 години, што побрзо да биде подготвена за членство во ЕУ економска смисла, во насока на зајакнување на политичката стабилност, владеење на правото и сите останати критериуми на ЕУ.

Тој вели дека е свесен оти постојат и други билатерални прашања кои се уште го нарушуваат патот на Северна Македонија кон ЕУ, но, нагласува, ќе направат се со парламентарната дипломатија да се обидат да го продлабочат разбирањето.

-Денес, во овие актуелни геополитички околности едноставно нема место за такви билатерални уцени и мораме да направиме се што е можно Северна Македонија да го направи вистинскиот, конкретниот чекор, но од друга страна внатре во Европската Унија да се сфати дека прашањето на проширување има и тоа како геополитичка димензија, дециден е Кеслер.

Во однос на тоа кој е начинот да се реши спорот со Бугарија, истакна дека тоа е ситуација која постои неколку години и која едноставно ги нарушува односите не само помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку за жал, вели, во еден поголем дел влијаеше и на македонскиот пат кон ЕУ.

-Она што е важно да се направи и што ќе се обидеме ние да направиме од позиција на Делегација за односи со Северна Македонија е да ја релаксираме ситуацијата, да се обидеме со сите колеги да разговараме, бидејќи на крајот е јасно дека јас не можам сега да понудам решение за билатералните проблеми кои очигледно постојат и кои очигледно ги оптоваруваат билатералните односи, но мораме заедно да работиме низ еден отворен и конструктивен дијалог да дојде до решение, а во тој контекст европските институции, особено Европскиот парламент мора и ќе бидат од корист, оцени хрватскиот европратеник.

Вели дека имаат комуникација за ова прашање со бугарските европратеници, и како што рече, „тоа се некои од нашите задачи кои едноставно мора да ги извршиме овде“. Сепак тој додава дека е јасно оти разликите кои нема да успеат да ги надминат со магично решение.

-Јасно е пред се дека тоа е прашање кое е билатерално прашање и кое што мора да се решава помеѓу двете држави, помеѓу државата членка Бугарија и државата кандидатка Северна Македонија. Според некои искуства што ги имавме досега, па и од хрватскиот пристап кон ЕУ, Унијата може да биде помагател, може да биде медијатор, може да биде фацилитатор на таков разговор, но јасно е и дека со една парламентарна димензија можеме да се обидеме да дојде до релаксирање на таквите односи, изјави тој.

Back to top button
Close