Француската армија се повлекува од Чад
Франција почна да ги повлекува своите војници од Чад. Одлуката за повлекување на француската армија од Чад уследи откако пред две недели беше прекината билатералната одбранбена соработка.
Владата на Чад на 28 ноември ненадејно го прекина Договорот за одбранбена соработка со Франција. Дополнително треба да се договорат деталите за повлекувањето, како и евентуалниот престој на дел од француските војници во Чад. Првите борбени авиони Мираж денеска се вратија во нивната база во источна Франција.
За целосно повлекување на француските војници најверојатно ќе бидат потребни неколку недели. Франција сè уште има околу 1.000 војници во Чад.
Франција веќе ги повлече своите трупи од Мали, Буркина Фасо и Нигер по воените удари во тие западноафрикански држави и широко распространетата антифранцуска атмосфера.
Повлекувањето од Чад го означува крајот на повеќедецениското присуство на француската војска во регионот Сахел и крајот на директните француски воени операции против исламистичките милитанти во областа.