Ќерката на убиениот руски опозиционер Немцов осудена на четири години затвор во отсуство

Рускиот суд денеска ја осуди Жана Немцова, ќерка на убиениот руски опозициски политичар Борис Немцов, на четири години затворска казна во казнена колонија, во постапка во која таа беше судена во отсуство.
Четириесет и двегодишната Немцова беше осудена поради нејзиното учество во Фондацијата „Борис Немцов за слобода“, со седиште во Германија.
Според соопштението на обвинителството, судот утврдил дека организацијата шири „негативни оценки за различни настани во Руската Федерација“. Пресудата може да биде обжалена. Во април 2024 година, руското Министерство за правда ја стави Фондацијата „Борис Немцов за слобода“, основана од Немцова, на списокот на странски и меѓународни организации чии активности се забранети во Русија како „непожелни“.
Немцова ја основа организацијата во Бон во 2015 година, по убиството на нејзиниот татко истата година. Во август годинава, руски суд издаде налог за апсење на Немцова во отсуство. Таа ги отфрли сите обвиненија против неа, оценувајќи ги како политички мотивирани.
Во претходни изјави објавени од германскиот меѓународен радиодифузен сервис „Дојче веле“, Немцова истакна дека руските власти ги интензивираат напорите за замолчување на независните гласови. Таа истакна дека нејзината фондација е посветена на „поддршка на независните руски медиуми во егзил, образовните проекти и одбраната на правата на Русите кои ја напуштиле земјата затоа што не се согласуваат со војната на Русија против Украина и режимот на Путин“.
Борис Немцов, жесток критичар на претседателот Владимир Путин, беше застрелан и убиен во февруари 2015 година на мост во непосредна близина на Кремљ.






