Путин му додели медал „Пушкин“ на германскиот проруско ориентиран публицист Фон Бизмарк

Рускиот претседател Владимир Путин му додели високо државно одликување на германскиот публицист и бизнисмен Александар фон Бизмарк, познат по својата проруска ориентација, објавија денеска руските медиуми.
Фон Бизмарк, кој има врски со екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), го прими медалот „Пушкин“ на церемонија во Кремљ, објави државната новинска агенција ТАСС. Одликувањето им се доделува на руски и странски државјани за достигнувања во областа на културата.
Во говорот по повод доделувањето на наградата, Фон Бизмарк се повика на цитат што му се припишува на првиот германски канцелар Ото фон Бизмарк, негов далечен роднина.
– Ако Германија и Русија се пријатели, и Европа ќе напредува, рече тој на германски јазик, додека Путин стоеше и го слушаше. Рускиот претседател го усовршил познавањето на германскиот јазик за време на службата како офицер на КГБ во Дрезден.
Фон Бизмарк додаде дека и самиот се придржува до оваа порака.
Публицистот има блиски врски со АфД, како и со малата популистичка партија БСВ, која исто така е наклонета кон Русија. Во јуни тој ги придружуваше двајца пратеници на БСВ во Европскиот парламент при нивната посета на Москва. Во 2024 година, според весникот „Ди Велт“, тој присуствувал на прием во руската амбасада во Берлин заедно со тогашниот заменик-претседател на пратеничката група на АфД, Штефан Којтер.
Претходно оваа година, пратеничката група на АфД го покани Фон Бизмарк да учествува на дискусија во рамки на конференција под мотото „Слобода на изразување – медиумите – човековите права“.






