Претреси во Судски совет по обвинувањата на Мицкоски дека Дамева фалсификувала записници
МВР влезе во Судски совет и врши претреси, дознава „Скопје1“. Според првичните информации, во моментов се прават контроли, а кои се поврзуваат со постапувањето на членовите во делот на предметите.
Полициски службеници по Наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело“, велат од МВР
Од Обвинителството појаснуваат дека претресот во Судскиот совет не е поврзан со штотуку формираниот предмет за „црната листа“ на САД, туку се однесува на известување од Министерството за внатрешни работи во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Советот во врска со мандатот на доскорашната претседателка Весна Дамева, која неодамна поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна од собраниската говорница рече дека добива информации од свиркачи за она што се случува во Судскиот совет, меѓу другото, за наводни фалсификувани записници.
„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама. Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи“,изјави премиерот на 28 ноември на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Набрзо по изјавата на Мицкоски, претседателката на Судскиот совет поднесе неотповиклива оставка од функцијата, а како причина за оставката, меѓу другото, наведе дека од страна на одредени политичари од власта се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.