Битка со подземјето, но и со нивни „келии“ во институции

Полицијата вчеравечер (15.12.) спровела акција на неколку локации низ земјата за приведување на сторители на кривични дела. Чаир и Арачиново во скопскиот регион се дел од локациите каде се вршеле проверки и претреси, а, според неофицијални информации, имало и уапсени, но и дел кои успеале да се избегаат пред да почне акцијата.

МВР денеска ќе соопшти детали за акцијата, а според непотврдени информации таа наводно била планирана за друг ден. Но, бидејќи била пробиена, односно протекле одредени информации за неа, било одлучено да се спроведе уште во текот на вчерашниот ден.

Се шпекулира дека во акцијата паднале членови на нарко кланови кои биле инволвирани не само во транспорт на дрога, туку и во вооружени престрелки во изминатитот период.

Полициската акција наликува на продолжение на онаа од крајот на јануари, кога во меѓународно координарана акција во земјата беа уапсени 7 лица (6 во Македонија и едно во странство), а беа поднесени кривични пријави против 16 лица. Останатите тогаш беа недостапни за полицијата.

Тоа беше прва поголема акција за расчистување со крималното подземје. Претходно, акцијата со кодно име „Планина“ од март 2021 година не заврши со очекуваните разултати, а тогашната обвинителка Вилма Русковска рече дека имаат сознанија оти акцијата била пробиена.

„Имавме сознанија каде се чува дрогата, но сѐ беше исчистено, и припадниците на полицијата и инспекторите не успеаја да пронајдат поголема количина“, изјави таа. Најави дека од одземените електронски уреди ќе се види дали има поврзаност на групите со припадници на МВР или други институции.

 

Кој им дава информации на криминалците?

По јануарската акција годинава, кога беа уапсени седум лица од организирана криминална група која дејствувала на национално и меѓународно ниво, вршела убиства и транспорт на кокаин од латиноамерикански земји до земји на ЕУ, тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беше прашан дали со таа истрага можеби добиле и информации кои лица оддавале информации за претходни истраги.

„Утврдивме лица од институции на државата коишто ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности и ова е почетокот на чистење на тие криминални структури“,рече Спасовски.

Најави дека „ќе бидат откриени кога ќе дојде момент за тоа“, посочувајќи дека јавноста ќе биде зачудена од имињата.

„Има инволвирани во многу институции – и во МВР, во други агенции, и во министерства, во судови, во јавни обвинителства. Можеби ќе се зачудите во наредниот период, меѓутоа еднаш мора да излезе и да се покаже кои се тие кои во одреден моментот самите викаа: ‘Држ’те го крадецот’, а во суштина биле истите“, рече Спасовски.

До денес во јавноста не излезе ниту едно име на лица од институции кои со информации им помагаат на криминалните групи. Останува МВР да соопшти дали по вчерашната акција ќе почне да се одмотува и тоа клопче.

 

Откриена и терористичка келија

Полицијата и вчера спроведе акција, при што, по извршени претреси на повеќе локации во Струга и Гостивар, беа уапсени четири лица за кои македонските власти имале основано сомнение дека планирале да организираат настани со кои би ја загрозиле безбедноста на Македонија и на други држави. Станувало збор за членови на терористичка келија која подолг временски период била следена од надлежните безбедносни органи.

„Постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани коишто би ја загрозиле безбедноста како на Македонија, така и на други држави“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Нивната цел била да индоктринираат, да кооптираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да дејствуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели. Имаме основани сомненија дека мотивите на оваа, да ја наречеме терористичка келија, се поврзани со одредени групации коишто се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи”, рече министерот.

Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација.

(dw)

Back to top button
Close