Нема степен на сомневање за Ковачевски и за генералниот секретар за вмешаност во случајот со Државна лотарија

Меѓу пријавените од Министерството за внатрешни работи (МВР) за проневера на пари на граѓаните во „Државната лотарија на Македонија“, се и експремиерот Димитар Ковачевски, како и генерален секретар на Владата Методија Димовски. Но, од Обвинителството за „СДК.мк“ велат дека се проверуваат индициите и доказите на МВР за вмешаноста на Ковачевски и Димовски, а во ЈО за нив „сè уште не е кренат степен на сомневање“.

„За експремиерот се проверуваат индициите и доказите на МВР проследени со пријавата. Сè уште во Обвинителството не е кренат степен на сомневање за пријавениот поранешен премиер и за поранешниот генерален секретар на Владата“, велат од Обвинителството за порталот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција денеска не го посочи директно Ковачевски, но рече: „Постапивме по кривична пријава добиена на 13 декември од Одделот за организиран криминал, а којашто е поднесена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, против директор на правно лице и поранешен генерален секретар“.

Обвинителството ги потврди информациите дека во акцијата за откривање на проневерата на над 8 милиони евра од ексдиректорот на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, кадар на ДУИ, и од неговиот партиски шеф поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, МВР поднело кривична пријави и против поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски.

Забуната во јавноста настана поради тоа што Ковачевски и Димовски биле опфатени со кривичната пријава на МВР и Финансиската полиција, каде што се пријавени вкупно 8 лица, но од скопското обвинителство информираа дека истрагата е отворена за шестмина, а по описот на осомничените очигледно е дека не се опфатени екс премиерот и генералниот секретар. Очигледно е дека против двајцата не биле обезбедени докази за вмешаност.

Појаснување даваат и од обвинителството.

-Основното јавно обвинителство Скопје во овој предмет постапуваше по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција. По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела, велат од обвинителството објаснувајќи ја разликата во бројката која излезе од МВР и од нивната институција.

.

Back to top button
Close