Контроверзните соопштенијата за бегството на Груби создаваат сомнеж дека тоа е договорено, вели Филипче

„Прво беше соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш, за потоа да се каже дека не работеле камерите, за кои знаеме дека не работат на батерии. Сето тоа граѓаните го слушаат и го знаат. Секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква заднина во сето ова“, рече лидерот на опозицијата

Начинот на кој Артан Груби ја напушти државата и контроверзните соопштенијата од страна на власта во врска со тоа, на нас ни дава за прави дека тоа е договорено. Ова денеска на прес-конференција го изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија смета дека постои политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во врска со напуштањето на државата од страна на Груби.

„Прво беше соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш, за потоа да се каже дека не работеле камерите, за кои знаеме дека не работат на батерии. Сето тоа граѓаните го слушаат и го знаат. Секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква заднина во сето ова“рече тој.

Посочи дека Социјалдемократскиот сојуз во изминатиот период укажувал дека има проблем во функционирањето на границата со Косово.

„Бегството или прошетката на Блерим Рамадани, начинот како ја помина границата претседателот на Собранието, Африм Гаши и сега ова поминување на границата. Сето тоа се работи кои создаваат сомнеж дека има некаков договор“,вели лидерот на СДСМ.

На новинарско прашање дали таков политички договор имало и за бегството на ескпремиерот Никола Груевски, кога СДСМ беше на власт, Филипче посочи дека немало никаков договор.

„ВМРО-ДПМНЕ во тоа време обвинуваше дека ние сме знаеле, а сега повторно не обвинува дека ние нешто знаеме, а не дека власта е крива. Тоа се тие двојни стандарди и играње со таа реторика кога нешто не им оди од рака“,кажа Филипче.

Кривичен ја одби жалбата за притвор на Груби

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.

Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.

Back to top button
Close