Јо-јо ефект: Изгубените килограми брзо се враќаат
Според институтот „Роберт Кох“, речиси половина од населението во Германија е дебело, а речиси секој петти страда од тешка дебелина бидејќи има индекс на телесна маса (БМИ) над 30.
Тобијас Мајле, директор на Центарот за дебелина во клиниката во Штутгарт, вели дека најголемиот проблем не е како да се симнат вишокот килограми: „Се разбира, тешко е да се ослабе дваесет килограми, но најголемиот предизвик е да се задржи постигнатата тежина“.
Таканаречениот јо-јо ефект не е проблематичен без причина. Мајле вели дека повеќето луѓе кои доаѓаат кај него имале неколку диети кои не дале долгорочни резултати. „Но, ова враќање на тежината досега не е научно објаснето“.
Не се работи за недостиг на волја
„Постои одредена стигматизација на дебелите луѓе кои ќе ослабнат, но не успеваат да ја задржат тежината“, објаснува Фердинанд фон Мејен, научник од Универзитетот ЕТХ во Цирих. Неговиот тим во списанието Nature ги објави резултатите од истражувањето кое покажа дека постојат молекуларни механизми кои го тераат телото да се бори против слабеењето.
Научниците ги проучувале масните клетки од пациенти кои биле подложени на операција на желудник за да ја контролираат дебелината.Масното ткиво било анализирано по значително губење на тежината, а резултатите покажуваат дека клетките на масното ткиво ја „запамтиле“ дебелината и две години по операцијата, што е видливо преку променетата генска активност.
Сите клетки имаат исти гени, но ги користат на различни начини. На пример, клетките ги прилагодуваат гените на условите на околината. Како резултат на тоа, масните клетки кај дебелите луѓе може да бидат поголеми или побрзо да складираат енергија.
Фон Мејен вели: „Морате да запомните дека масните клетки се исклучително долготрајни. Тие можат да останат во човечкото тело до десет години. Така тие можат да ги запаметат промените долго време“.
„Мора да започнеме со терапија порано“
Истражувањата на дебели глувци покажаа слични промени во генетските модели. Нивните масни клетки продолжиле да апсорбираат повеќе шеќер и маснотии неколку месеци по губењето на тежината отколку клетките од глувците со нормална тежина. Глувците кои претходно биле дебели ја вратиле тежината – јо-јо ефект на дело.
И покрај сè, студијата не докажа дека идентификуваните генски промени се директно одговорни за враќањето на тежината. Сепак, Мајле смета дека резултатите од истражувањето се многу интересни: „Тие објаснуваат некои прашања што долго време си ги поставуваме“.
Резултатите ја покажуваат важноста на превенцијата веќе во детството. „Мораме да започнеме со терапија многу порано. Кога е потребна диета или драстично намалување на телесната тежина, всушност веќе е доцна, бидејќи клетките се веќе програмирани за дебелеење. Мајле додава дека е подобро да се спречи дебелеење отколку подоцна да се интервенира.
Потребни се дополнителни истражувања
Сè уште сме далеку од терапија која би можела да ги избрише генетските маркери, се согласуваат експертите. Сепак, Фон Мејен вели дека овие резултати би можеле да послужат за понатамошно истражување.
Моментално достапните лекови, како што се „инјекциите за слабеење“ , мора да се земаат трајно за да се спречи пациентот да ја врати тежината. „Потребни се многу повеќе истражувања за да се утврди дали овие генетски маркери можат да се користат во дијагностика и кои лекови, интервенции, спортови или диета би можеле да помогнат да се избришат“, заклучува Фон Мејен (dw)