Сè што сте сакале да знаете за протестите во Србија
Зошто протести? Кој ги организираше и како? Зошто се популарни и што можат да донесат?
Илјадници студенти и ученици – од Ниш, Крагуевац, Суботица, Нови Сад, Шабац, Лозница, Мали Зворник, Ваљево, Чачак, Ужице – маршираат кон Белград за протестот што ќе се одржи во сабота, на 15 март.
Селата и градовите низ кои минуваат ги пречекуваат со огномет, солзи, прегратки, аплаузи и со поставени маси со храна. Локалните жители подготвуваат кревети, ќебиња, суви чорапи, нови патики, фластери за плускавци и лекови против болки.
Досега се одржаа протести во околу 400 места низ Србија.
„Овие протести се многу различни од оние што ги видовме досега. Нивниот обем е без преседан“, изјави за БИРН, Флоријан Бибер, професор по Југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац.
Собирот во Белград е последен во серијата протести што се одржуваат секојдневно, веќе три и пол месеци, по загинувањето на 15 лица врз кои се урна натстрешницата на обновената железничка станица во Нови Сад, на 1 ноември.
Досега, барем по еден протест е одржан во речиси секоја од 174 општини во Србија, а масовни протести, на кои се собраа десетици илјади луѓе, се одржаа во Белград, Нови Сад, Крагуевац и во Ниш.
Студентите од другите градови пешачеа и до Нови Сад, Крагуевац и Ниш, а жителите на селата и на градовите низ кои минуваа стоеја покрај патот или им се поклонуваа. На маршевите нив ги придружуваа земјоделци со трактори.
Експертите велат дека протестите во Србија својата популарност и масовност ја црпат од наклонетоста што ја уживаат студентите меѓу луѓето, врските што ги создаваат минувајќи низ малите градови во внатрешноста, но и од насобраното и долгогодишно незадоволство од владејачкиот режим и недовербата дека наталожените проблеми можат да се решаваат преку институциите.
Се очекува протестите во Белград да бидат најмасовни досега. И додека политичарите од власта се закануваат со насилство, а опозицијата и дел од аналитичарите предупредуваат дека властите ќе се обидат да испровоцираат или инсценираат инциденти, експертите велат дека единствено што може да се предвиди во овој момент е дека ситуацијата во Србија нема да може да се врати како што беше пред трагедијата во Нови Сад.
Падот на натстрешницата доведе до масовни протести
Првиот масовен протест се одржа во Нови Сад на 6 ноември, кога граѓаните, револтирани, меѓу другото, поради контрадикторните и неточни информации за реновирањето на станицата, скршија неколку стакла од зградата на локалното собрание.
Полицијата уапси повеќе од десет граѓани, меѓу кои 16-годишник и еден студент.
Граѓаните, студентите и учениците потоа почнаа да им оддаваат почит на загинатите блокирајќи ги раскрсниците во неколку градови – 15 минути молк, за 15 жртви.
Блокадите на улиците се претворија во блокади на факултети откако студентите на белградскиот Факултет за драмски уметности (ФДУ) беа нападнати од група мажи за време на блокадата на улицата до факултетот на 22 ноември, меѓу кои и претставници на владејачката Српска напредна партија.
Студентите изнесоа четири барања: објавување на целата документација за реновирање на Железничката станица во Нови Сад и гонење на одговорните за падот на натстрешницата, откривање и гонење на одговорните за нападите врз студенти и граѓани за време на блокадите, отфрлање на обвиненијата против уапсените за време на протестите во Нови Сад и зголемување на буџетот за образование.
По блокадата на ФДУ, студентите ги блокираа факултетите низ државата и во моментов се блокирани повеќе од 60 факултети – многу од нив со поддршка од нивните професори и декани.
Набрзо на студентите им се придружија и средношколците и земјоделците, просветните работници штрајкуваа, а блокадите на улиците станаа помасовни и се проширија во неколку градови. Блокадите и понатаму беа проследени со бројни инциденти – средношколци во Сремски Карловци беа нападнати од претседателот на општината, на учениците во Белград им се закануваа со тепање, а на некои места се обидуваа да ги пробијат блокадите со автомобили. Во такви инциденти беа повредени две студентки.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 12 декември на прес-конференција најави дека ќе биде објавена целата документација за реконструкцијата на станицата во Нови Сад, дека се исполнети сите студентски барања и ги повика студентите на разговор.
Студентите одговорија дека тој – како претседател, кој според уставот има главно церемонијална улога – не е одговорен за ниту едно барање, дека немаат што да разговараат со него и дека бараат надлежните институции да си ја работат својата работа и да ги исполнат барањата.
И во меѓувреме не се исполнети барањата – не е објавена целата документација за реконструкцијата, не се отфрлени пријавите за уапсените демонстранти, не се кривично гонети сите оние што ги нападнаа учесниците на протестите и блокадите (иако многу од нив беа идентификувани од јавноста), ниту, пак, е зголемен буџетот за високото образование.
„Нивните барања се на некој начин засновани врз владеење на правото и на работата и функционирањето на институциите. Но, многу е јасно дека актуелната власт ниту сака, ниту може да ги исполни. Целиот систем што оваа влада го изгради во последните 12 години ги прави невозможни владеењето на правото и демократијата“, вели Флоријан Бибер.
…
Анализата на Радмило Марковиќ и Гордана Андриќ во целост прочитајте ја тука