Грција удри по џебот на туристите пред летната сезона – Ова се новите такси
Ако летово планирате одмор во Грција, имајте предвид дека стапија на сила нови правила што ја заменуваат досегашната туристичка такса. Земјата се приклучи на глобалниот тренд на воведување нови давачки, со цел да ги зголеми приходите, да го заштити културното наследство од преголем туризам и подобро да го менаџира приливот на посетители.
Новата такса се наплатува по ноќевање и зависи од видот на сместување и периодот од годината. Во главната туристичка сезона (април – октомври) изнесува:
Хотели со 1–2 ѕвезди: 2 евра
Хотели со 3 ѕвезди: 5 евра
Хотели со 4 ѕвезди: 10 евра
Хотели со 5 ѕвезди: 15 евра
Апартмани, соби, станови (вклучувајќи Airbnb): 8 евра
Куќи и вили над 80 м²: 10 евра
Надвор од сезоната (ноември – март), износите се значително пониски:
Хотели со 1–2 ѕвезди: 0,50 евра
Хотели со 3 ѕвезди: 1,50 евра
Хотели со 4 ѕвезди: 3 евра
Хотели со 5 ѕвезди: 4 евра
Апартмани и соби: 0,50 евра
Куќи и вили: 4 евра
Таксата се наплатува по соба или сместувачка единица, а не по лице, што значи дека семејства и групи може да поминат поевтино.
Новитет: такса за патници од крузери
Од оваа година, се воведува и посебна дневна такса за патници кои пристигнуваат со крузери:
Санторини и Миконос: 20 евра по лице, дневно
Останати острови и Атина: 5 евра по лице, дневно
Средствата собрани од овие такси, како и од зголемените даноци на краткорочно сместување, ќе бидат насочени кон одржливи проекти, подобрување на инфраструктурата и решавање на еколошки предизвици низ цела Грција.
Преголемиот број туристи, особено во шпицот на сезоната, вршат притисок врз локалната инфраструктура, предизвикувајќи гужви, сообраќаен хаос и пренатрупаност на јавни простори. На пример, Миконос – со околу 12.000 жители – во еден ден во август 2024 година пречека осум крузери со 20.000 патници, што укажува на итна потреба од подобро управување со туристичките ресурси.
Во септември 2024 година, грчките власти ги предложија овие мерки како дел од стратегијата за одржлив туризам. Се разгледува и можност за воведување дигитален систем за распределба на пристанишни термини за крузери, но овој предлог сè уште чека парламентарно одобрување.