Трамп за евентуален состанок Украина-Русија: „Од тоа можат да произлезат добри работи
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека силно инсистирал да дојде до состанок меѓу Русија и Украина, порачувајќи дека верува оти од таа средба можат да произлезат позитивни поместувања.
– Мислам дека од тој состанок можат да произлезат добри работи, рече Трамп, повторувајќи го својот претходен повик „да се запре крвопролевањето“.
Засега само украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди своето доаѓање на состанок в четврток во Истанбул, додека рускиот претседател Владимир Путин сè уште јавно не се изјаснил дали ќе учествува.
Кремљ денеска порача дека е фокусиран на „сериозна потрага по долгорочно мирно решение“ во војната против Украина, и покрај тоа што ги игнорира барањата на Европската унија за 30-дневен прекин на огнот.
– Сериозно бараме начини да постигнеме долгорочно мирно решение, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не наведувајќи никакви конкретни чекори што Русија е подготвена да ги преземе.
Песков не го коментираше повикот на Зеленски за средба со Путин в четврток во Турција, што украинскиот претседател претходно го упати.