Во Доха утре продолжуваат преговорите за ослободување на преостанатите израелски заложници
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утре ќе испрати делегација на разговори во главниот град на Катар, Доха, за ослободување на преостанатите заложници што ги држи палестинската милитантна група Хамас и за прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти денеска кабинетот на Нетанјаху.
Се истакнува дека Нетанјаху наредил за време на преговорите во Доха, нападите на израелската армија врз Појасот Газа да не бидат запрени.
Во соопштението се наведува дека Нетанјаху ја донел одлуката по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и средбата со специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, објави „Тајмс оф Израел“.
„Премиерот му се заблагодари на Трамп за неговата помош во обезбедувањето на ослободувањето на израелскиот војник Еден Александар“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека Трамп ја повторил својата посветеност кон Израел и желбата да продолжи со тесната соработка со Нетанјаху.
На состанокот со Виткоф и Хакаби, Нетанјаху разговараше за напорите за ослободување на заложниците презентирани од Виткоф.