Шпанскиот премиер го нарече Израел геноцидна држава

Шпанскиот премиер Педро Санчез во парламентот го нарече Израел „геноцидна држава“ и јасно порача дека Шпанија „не соработува со таква земја“, што е неговата досега најостра изјава за војната во Газа.

-Сакам јасно да кажам, господине Руфијан: ние не работиме со геноцидна држава, ние не работиме, рече Санчез претпладнево во шпанскиот Парламент, одговарајќи му на пратеникот Габриел Руфијан, кој го обвини дека одржува трговски односи со Израел и покрај војната во Газа.

Санчез истакна дека веќе го објаснил својот став и додаде: „Мислам дека другиот ден јасно објаснив од оваа говорница за што зборуваме кога се даваат изјави што не одговараат на вистината“.

Локалните медиуми објавија дека ова е првпат Санчез јавно да го употреби терминот „геноцидна држава“, термин што често го користи крајнолевичарскиот коалициски партнер во неговата влада, Сумар.

Израелското Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја повика на разговор шпанската амбасадорка во Израел, Ана Саломон.

„Поради тешките изјави дадени од шпанскиот премиер Педро Санчез, шпанскиот амбасадор во Израел е поканет утре во Министерството за надворешни работи во Ерусалим на интервју“, се наведува во соопштението на израелското министерство.

Лидерката на Сумара и втора заменик-премиерка, Јоланда Дијаз, со месеци го обвинува Израел за геноцид и повикува на прекин на трговските односи со еврејската држава.

Изјавата на Педро Санчез доаѓа во време на засилени меѓународни критики за воените операции на Израел во Газа и дополнително затегнати односи меѓу Мадрид и Тел Авив.

Да ве потсетиме дека во мај минатата година Шпанија ја призна Палестина, заедно со Словенија, Ирска и Норвешка. Палестина досега е признаена од 147 земји-членки на ОН, од вкупно 193 од нив

Back to top button
Close