Велковски: Нема ново линеарно зголемување на пензиите
„Промените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување не можат да бидат ад – хок решение. Она што го направивме во првите девет месеци со линеарното покачувањето од пет илјади денари, беше со цел да се подобри состојбата на сите пензионери. Треба да се промени цел еден систем, бидејќи во моментот односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1, 5, дури ни толку. Не можеме да си играме со пензискиот систем. Не можеме да дозволиме наши граѓани да останат без примања во пензионерските денови“ – рече вечерва во Кочани заменик министерот за труд, социјална политика и млади, Ѓоко Велковски, на трибината насловена „Граѓаните во центарот на промените – работиме за подобар живот на сите, со фокус на пензионерите“.
Тој ова го изјави одговарајќи на прашање од граѓаните дали се планира во септември ново линеарно зголемување на пензиите.
Според, него формирано е владино тело од стручни лица кои работат токму на промените во пензискиот систем.
-Не може ден за ден да се решава, не можеме сега, во јули, набрзина да донесеме одлука што да се прави во септември, па да направиме штета на голем дел од вас. Сепак, односот помеѓу најниската и највисоката пензија веќе не 1:7, туку е 1:4 откако го реализиравме претходно ветеното линеарно покачување од 5 000 денари – додаде Велковски.