Ал Џезира Балканс денес на пладне прекинува со работа, 200 вработени на улица
Медиумската куќа Ал Џезира Балканс денес го прекинува своето емитување, а последното издание на вестите ќе биде прикажано во 12 часот, потврдија извори блиски до редакцијата. Иако официјалната потврда од менаџментот сè уште не е објавена, информацијата веќе е потврдена преку јавни објави на социјалните мрежи од страна на новинари и вработени, кои со емотивни пораки се простуваат од својата публика и колеги.
Овој потег доаѓа по денови шпекулации и најави за затворање на каналот, кои денес добиваат своја потврда во пракса.
Седиштето на Ал Џезира Балканс се наоѓаше во Сараево, а според достапните информации, околу 200 вработени ќе останат без работа. Станува збор за новинари, уредници, сниматели, техничари и администрација кои со години работеа на градење на медиум кој се издвојуваше по објективност, регионална перспектива и професионални стандарди.
Од своето основање во 2011 година, Ал Џезира Балканс важеше за еден од ретките независни и регионално ориентирани гласови во медиумскиот простор на поранешна Југославија, чии прилози често беа користени и од меѓународни новински агенции.
Останува да се види дали зад овој потег стојат економски, политички или стратешки причини, но едно е јасно – Ал Џезира Балканс остава празнина која нема лесно да се пополни.
Извор: fokus.mk