Македонијо, каде одиш?
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе се осврнам на неколку теми анализирајќи го базичниот систем на државата и како Република Македонија реагира погрешно или целосно молчи.
Пет полни години ја водам мојата битка за вистината околу стечајот на Еуростандард банка. Фактите сами за себе говорат дека стечајот на Еуростандард банка бил направен со умисла.
Фактите се следни:
Правните и физички лица, клиенти на банката се целосно обештетени. Средствата во стечајната маса и натаму се собираат во големи суми.
Јавноста е многу малку запознаена за стечајната постапка која сѐ уште се води. Повеќе од јасно е дека средства во стечајната маса на Еуростандард банка има и дека овој стечај бил неправеден.
Во минатото ги споменував пропустите коишто ги направи Народна банка при стабилизирањето на банката, при што се прескокнуваа низа мерки кои ѝ стоеја на располагање, како што се вонредните мерки, што значи парични казни за членовите на Управен и Надзорен одбор и одземање на лиценци на членови за нивно учество во овие две тела.
Се прескокна најсилната алатка која ја имаше во раце, а тоа е администрацијата, која подразбира преземање на банката од страна на Народна банка и во рок од една година да се извади заклучок дали банката треба да се носи во стечај или да се рестартира.
Гувернерката на Народна банка цели три месеци одбегнуваше да го прими на разговор потенцијалниот инвеститор во банката кој ги задоволуваше сите критериуми во капиталната структура на банката.
Уште поперфиден е чинот направен од страна на екс-гувернерката Бежоска која го обзнани стечајот во моментот на тукушто завршени предвремени парламентарни избори и неформирани Собрание и Влада на Република Македонија (кога владее безвластие во државата).
Техничката влада водена од тогашниот Технички премиер Оливер Спасовски одигра улога на слуга и сервис за уништување на Еуростандард банка. Во време на вонредната состојба, предизвикана од пандемијата Ковид-19 се донесоа две уредби со сила на закон. Со првата, објавена во Службен весник на датум 24. 02. 2020 година се обзнани дека по завршување на вонредната состојба не смее да се носи во стечај ниту еден правен субјект минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со исто ваква уредба, овој пат објавена на 29.05.2020 година, се укинува претходната уредба и се дозволува носење на правни лица во стечај, веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Собранието на Република Македонија и неговото тело за Финансирање и буџет на Република Македонија коешто има комплетна контрола врз Народна банка и нејзиното работење, не мрдна со прст да покрене внатрешна собраниска контрола околу стечајот на Еуростандард банка.
Се отвори официјален распит во Собранието на Република Македонија. После тој момент настапи комплетен молк.
Почитувани читатели, во изминатата недела објавив во јавноста многу мои ставови поврзани со теми кои се многу чувствителни за нашата држава.
Моите ставови ги споделувам со вас. Верувајте ми, имам целосна поддршка од ваша страна за моите погледи.
Истото ова Собрание на Република Македонија, повеќе од 20 години не носи одлука за државна награда која ќе го носи името на нашиот македонски национален татко Блаже Конески, иако редовно од универзитетот Св. Кирил и Методиј и Филолошкиот факултет секоја година се поднесувани барања за оваа престижна државна награда, која за нас Македонците е многу битна, посебно во овие моменти кога се соочуваме со непризнавањето на нашата национална посебност од страна на нашите соседи Бугарија и Грција.
Замислете почитувани читатели, на вчерашната седница на Собранието на Република Македонија не е усвоена декларација за слободен транспорт на хуманитарна помош во појасот Газа за безумието и војната која денес ја води Израел против Палестинска држава.
Клетвата на палестинскиот народ најверојатно се должи на фактот што една силна нација формира своја држава на нивна територија, а тоа е денешен Израел.
Се прашувам како обичен граѓанин, како можам да очекувам решавање на моето прашање околу стечајот на Еуростандард банка, кога нашата држава преку сите свои институции делува поразително. Безумно.
Надворешната политика ни ја креираат нашите пријатели САД и ЕУ. Но домашната реалност и натаму ни ја креираат бандитите кои владеат со Република Македонија под плаштот на политичките партии.
Издадов книга со своите колумни минатата година под наслов „Мојот непокор”, која лично ја подарив на секој член – обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија и на секој судија во судскиот совет. Не забележав никаква реакција од овие две силни институции кои треба да ја гарантираат правдата во Република Македонија.
Кому да му верувам? Системот ни е тотално нефункционален! Со ваков систем не се гради држава, туку се разградува и со тек на време уништува.
Продолжувам да се борам. Ја сакам својата татковина. Сакам во мојата татковина да завладее правдата, да ја почувствуваме сите.
Ве охрабрувам, почитувани мои сограѓани, немојте да молчите. Реагирајте со време на неправдите. Во спротивно сите ќе бидеме соучесници во тоа што допрва ќе ни се случува. Сѐ поголеми неправди.
Трифун Костовски