Црвените линии на социјалдемократите
Две дебати ја чекаат Македонија пред да продолжи со закочените преговори за членство во ЕУ: едната е домашна а другата е меѓународна.
Првата е многу важна, да не речам поважна од втората: ние, меѓу себе, да расчистиме што сакаме. Оттаму, иницијативата на опозицијата да покрене таков домашен дијалог е за поздравување. За жал, најавената „резолуција за црвените линии“, како колоквијално е наречен документот кој го подготвува СДСМ, ќе покаже уште еднаш дека немаме талент за дијалог. Но, ќе покаже и дека без резултати од домашниот дијалог нема успех на меѓународен план и ќе не соочи со грдата реалност на нашата политика која треба да се менува токму преку вакви обиди. Зашто, реално гледано,шансите за успешен дијалог меѓу власта и опозицијата, „ахиловата пета“ на нашиот политички систем низ сите години на независноста, се никакви.
Ако денот по утрото се познава, ова е преголем залак за македонските политичари. „Бугарската тема “ е една од оние кои, во униполарниот момент на светската политика, кога Америка „жареше и палеше“ и кај сојузниците а не само кај противниците, ни ја решаваа странците. Тие времиња минаа. Сеуште се слуша ехото од зборовите на претходниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил дека ова не е 91 кога балканските држави бараа Вашингтон да им ги реши проблемите, туку време кога самите мораме да си ги решаваме. Кога се знае дека, почнувајќи од „дебатата“ за прием на државата во ОН па до, последниве теми за промена на уставот, сами не сме успеале да најдеме решение за ниту еден голем проблем, исходот од претстојната дебата е извесен. Особено сега пред локалните избори кога секој потег на политичарите, опонентот го врзува за исходот од тие избори.
Така, документот „за црвените линии на социјалдемократите“, наменет за решавање на нашиот клучен меѓународен проблем, преговорите со ЕУ, може да има обратен ефект од посакуваниот. Власта уште повеќе да се закопа во рововите кои ги ископа визави Бугарија на последните парламентарни избори. Во својот говор по повод 8 септември, премиерот Мицковски употреби еден невообичаен израз:„со трпение“ го чекал документот на опозицијата. Пишувачот на говорот сметал дека употребата на нормалната лексика која гласи „со нетрпение“, би сигнализирала вистинска желба за дебата, па измислил нејзина заканувачка јазична форма која како да вели: само објавете го документот, ве чекам со трпение. После сите тешки зборови за предавничката улога на претходната власт, тешко е да се очекува поинакво поведение од претставниците на власта. Но, обидот да се покрене закочениот механизам кој ќе не движи напред во преговорите со ЕУ треба да се поздрави зашто е она нормалното и потребното за
2 / 2
државата и за народот. Претседателот на СДСМ, Филипче, кажа дека во пишувањето на најавениот документ се вклучени истакнати домашни и меѓунарподни експерти, па и јас лично, со нетрпение очекувам да видам кои се и што предлагаат за откочување на преговорите со ЕУ.
Денко Малески