Српското Министерство за труд издвои дополнителни 1,68 милиони евра за народните кујни во државата
Претставници на српското Министерството за труд и Црвениот крст на Србија потпишаа анекс на договорот за соработка, што обезбедува понатамошна поддршка во работата на народните кујни со 197,5 милиони динари (1,68 милиони евра) за набавка на храна и други неопходни потреби.
Во соопштението се наведува дека парите ќе бидат искористени за непречено функционирање на 77 народни кујни со повеќе од 31.000 корисници низ цела Србија, како и средства за финансирање на работата на Црвениот крст во Бујановац.
„Со потпишувањето на овој договор, испраќаме јасна порака дека никој во Србија нема да биде заборавен и дека државата секогаш ќе биде со своите граѓани, особено кога им е најтешко“, се наведува во соопштението на Министерството.
Народните кујни не се само институција за дистрибуција на храна – тие се симбол на солидарност, заедништво и решителност за изградба на општество кое никого не остава зад себе, се додава во соопштението.