Ропке за ЕНР/МИА: Економскиот и социјален комитет ја поттикнува перспективата на кандидатите за членство во ЕУ
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ) е првата институција на ЕУ што во својата секојдневна работа вклучува членки од сите земји кандидати за членство од Западниот Балкан, но исто така и од Молдавија, Украина, Грузија, како и од Турција, вели претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), Оливер Ропке во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА заедно со уште 24 новински агенција од цела Европа.
– Мислам дека тоа беше голем чекор напред што го направивме. Ако се осврнам наназад, тогаш можам да кажам дека сега имаме над 140 членки од земјите кандидати за проширување. Тие веќе обликуваа повеќе од 20 мислења со нашите членки и ја поттикнаа перспективата на земјите кандидати, изјави Ропке.
Според него, таа соработка дала двострани резултати, бидејќи и Комитетот увидел кои се интересите на земјите кандидати за членство, каде се нивните недостатоци и каде им е потребна поголема поддршка.
– Патував во сите земји кандидати каде што беше можно. Се сретнав неколку пати со тамошните граѓански општества, но и со владите, и идентификувавме заеднички области каде што ни требаат повеќе реформи, каде што ни требаат повеќе подобрувања и напредок. И навистина ми беше мило што видов дека во сите овие земји граѓанското општество е апсолутно живописно, истакна Ропке.
Тој потенцира дека со цел ЕЕСЦ да стане порелевантен и да се трансформира во еден вид платформа, ги отворил вратите за младите, создавајќи т.н. Тест за младите на ЕУ, каде младинските претставници седат на иста маса и разговараат за релевантни теми за нив.
– Моето мото беше да се залагаме за демократија и да зборуваме за Европа, што значи јасна посветеност на основните права и владеењето на правото. Го поддржавме граѓанското општество не само во земјите членки, туку и во сите земји кандидати, бидејќи, како што знаете, имаме многу предизвици во оваа област. ЕЕСЦ го гледам како глас на граѓанското општество, како некаков чувар на демократијата и на основните права, нагласи Ропке.
Кога станува збор за проширување, Ропке вели дека верува оти пораката на Европската комисија до кандидатите за членство, дури и при минатонеделното обраќање на нејзината претседателка пред Европскиот парламент, е дека ЕУ е спремнa за прием и сакаме во следните години нови земји членки да се приклучат кон Унијата, се разбира, кога ќе ги исполнат условите за тоа.
– Tоа отсекогаш беше ветување на Европската Унија. Но, можевме да видиме во текот на изминатите години дека тоа ветување не беше исполнето и од двете страни. Значи, го имаме овој моментум за проширувањето и мислам дека мора да го одржиме, изјави Ропке.
Затоа, според Ропке, Комитетот става голем акцент и приоритет на проширувањето, со поттик за активно вклучување на претставници на граѓанското општество од земјите кандидатки во спроведувањето на реформите, што е предуслов за членство врз пристапот базиран на заслуги.
– Сите го прифаќаат овој пристап. Сега ни треба и силна политичка волја. Го гледам тоа и можам само да кажам дека ЕЕСЦ е апсолутен поддржувач на оваа идеја, потенцира Ропке.
За остварувањето на таа цел, според Ропке, ЕЕСЦ ја има Иницијативата на членки од кандидатите за проширување, и повеќе специфични тела, како заедничките консултативни комитети, преку кои се воспоставува структурирана соработка меѓу социјалните партнери, граѓанското општество и владите, како тела за следење на состојбите, но и за формулирање препораки за процесот на проширување.
– Мислам дека преку нашата работа постигнавме конкретни подобрувања, додава претседателот на Европскиот економски и социјален совет.
Ропке, чиј мандат официјално истекува утре, нагласува дека во изминативе две и пол години откако е на чело на ЕЕСЦ, за рекордно време биле спроведени некои фундаментални реформи.
– На почетокот ветив дека сакам да го направам овој Комитет повидлив и порелевантен. Дека сакам да го зголемам влијанието на Комитетот и затоа имавме неколку идеи, проекти и навистина ми е драго што можам да кажам дека ги имплементиравме сите. А пред се, тука е нашата водечка иницијатива за земјите кандидатки за проширување, истакна Ропке.
Тој додава дека има области каде што Комитетот сакал да постигне повеќе, но дека успеал да го зголеми своето влијание, така што ЕК од ЕЕСЦ барала мислења и придонес за повеќе области, како домувањето, кризата со растот на трошоците за живот, зелената транзиција, социјалната политика и вработувањето.
– Гледам отвореност да ги земат предвид нашите предлози, потенцира Ропке.
Во однос на идните планови на ЕК, особено оние поврзани со кохезивната политика, Ропке вели дека иако е потребна нејзина модернизација, но дека таа не треба да се спроведува на сметка на стратешките инвестиции.
– Предупредувавме дека централизацијата нема да биде вистинскиот пат. Но, од наша перспектива, гледаме дека таа оди во насока што не ја поддржуваме. Сакаме да имаме силен регионален пристап. Сметаме дека е потребно да се вклучат регионалните актери, но и граѓанското општество и социјалните партнери. Смета дека централизацијата на кохезивната политиката би можела да биде контрапродуктивна, вели Ропке.
Запрашан дали Комитетот е загрижен поради поголемиот фокус на ЕУ на индустријата, одбраната и конкурентноста на сметка на социјалните програми, Ропке вели дека ЕЕСЦ ги поддржува заложбите за зајакнување на конкурентноста и за поттик на индустријата, дека мора да се води сметка и за постојните социјални стандарди, бидејќи тоа „повторно би го поткопало кредибилитетот на Европа меѓу работниците и работничките семејства“.
– Се уште се бориме со кризата со трошоците за живот, на пример. Затоа мислам дека ова мора да оди рака под рака и се надевам дека Комисијата ќе излезе и со некои конкретни предлози. Зборуваме, на пример, за нови предизвици на пазарот на трудот, за вештачката интелигенција. Мислам дека има многу работа пред нас и во областа на социјалната политика, оценува Ропке.
Тој очекува јасна рамка на европско ниво кога станува збор и за проблемите со домувањето, иако е свесен дека за тоа е потребен поголем ангажман на земјите членки.
– Бевме една од првите институции што побара именување ресорен комесар за домување. Сега го имаме и очекуваме конкретни предлози, рамка, акциски план за земјите членки, но исто така, многу важно, и идеи како да се финансира тоа, бидејќи ќе чини многу. Но, мислам дека цената на непреземање ништо би била уште поголема, заклучува Ропке.
Во врска со стравувањата на земјоделците, работниците и бизнис секторот дека со трговските договори на ЕУ со МЕРКОСУР, САД, Мексико, Индија, Индонезија… не се заштитуваат доволно нивните интереси, Ропке вели дека Комитетот инсистирал на транспарентност при склучувањето на овие спогодби, како и да се обезбеди гарантирање на социјалните и еколошките стандарди. – Тоа е апсолутно неопходно. Но, од друга страна тие (договори) ни се потребни. Потребни ни се во време кога нашите партнери, како САД, повеќе не се сигурни. Тоа да го кажам многу јасно. Потребни ни се и други сигурни партнери во светот. Мислам дека на сите им е јасно дека не можеме да дозволиме да ги затвориме вратите за други нови партнери, покрај оној со кој веќе имаме силни трговски односи, потенцира Ропке.
Во однос на се поголемата примена на вештачката интелигенција во повеќе сфери, Ропке оценува дека околу прашањето за нејзиното користење постојат поделени мислења.
– Сепак, голема група, дури и мнозинството во нашиот дом, вели дека ни е потребна вештачка интелигенција ориентирана кон човекот. Сакаме да ја користиме вештачка интелигенција во интерес на економијата, но и на работниците. Значи, мора секогаш да се обезбедува принципот „човек зад командната табла“, смета Ропке.
Според него, во вакви услови на поделени мислења и различни ставови во ЕУ за некои прашања, Комитетот има посредничка и советодавна улога и би можел да биде еден вид контролор.
– Мислам дека тоа е важна задача на нашиот Комитет и покажува дека ние ја играме оваа улога на посредник меѓу креаторите на политики и граѓанското општество, заклучува Ропке во интервјуто за ЕНР.