Недвед и Ањели осудени на условни затворски казни
Судот во Рим го прифати денеска барањето за спогодба за признавање вина на поранешните раководители на Јувентус Андреа Ањели и Павел Недвед во за сметководствена измама и финансиски малверзации во работењето на најуспешниот фудбалски клуб во Италија.
Судијката Ана Марија Гавони прифати спогодба за признавање вина од една година и осум месеци за поранешниот претседател на Јувентус, Ањели и една година и два месеци за поранешниот потпретседател и добитник на Златната топка, Недвед.
Затворските казни се условни и не подлежат на издржување, а според италијанскиот закон, таквата спогодба не претставува признание на вина.
Воедно, Јувентус е казнет парично во износ од 156.000 евра.
Случајот против еден од обвинетите, поранешниот извршен директор Маурицио Аривабене, е отфрлен.
Јувентус објави попладнево соопштение во кое наведува дела клубот се одлучил за спогодба за признавање вина „во најдобар интерес на самата компанија, нејзините акционери и сите засегнати страни“.
Јувентус, исто така, ја повтори „исправноста на своето однесување и исправноста на својата одбрана“.
Случајот се однесува на обвинувањата дека Јувентус погрешно ги прикажал своите финансиски извештаи, особено во врска со трансферите и платите на играчите за време на пандемијата на Ковид 19.
Обвинителите првично поднесоа обвиненија во Торино, каде што се наоѓа Јувентус, но случајот беше префрлен во Рим во 2023 година.
Во јуни, поранешниот претседател Ањели и другите обвинети побараа од судијата да го реши случајот преку спогодба за признавање вина, откако обвинителите се обидоа да ги изведат пред суд по обвиненија што вклучуваат манипулација на берзата, попречување на правдата и лажно фактурирање.