Битола сè уште без решение за нефункционалната канализација
Битола и натаму се соочува со сериозни проблеми во канализациската мрежа и управувањето со отпадните води. Секое поголемо невреме го претвора дел од градот во реки.
Во 2002 година е измерено рекордно количество врнежи од 863,8 мм, а минатата година просекот достигна 741,3 мм. Најголем предизвик претставува фактот што дел од мрежата е мешовита – во истите цевки се одведуваат и атмосферски и фекални води.
„Канализационата мрежа сè уште не е целосно изградена. Општина Битола се соочува со проблемот на третман на отпадните води од домаќинствата и индустријата. Потребна е дополнителна изградба на колектори, пумпни станици, затворање на отворениот петти канал и изградба на пречистителни станици“, стои на веб-страницата на Општината.
Во повеќе документи и акциски планови е наведено дека е неопходно подобрување на собирањето и пречистувањето на отпадните води, како и мерки против поплавувања на улиците при поројни дождови.
„Фекалната и атмосферската канализација се комбинирани, а испустите се на пониско ниво од реката Драгор. При обилни врнежи, кога нивото на реката расте, водата тешко се испушта и се враќа назад во системот. Тоа предизвикува таложење и излевање на нечисти води по улиците. Дополнителен проблем е мешањето на атмосферските и фекалните води во постојната мрежа“, пишува во Акцискиот план 2024–2030.
Во истиот документ се укажува и дека отворените канали околу градот, кои би требало да ги примат водите од ридовите, не се одржуваат редовно, што дополнително го оптоварува градскиот систем.
„Последица на овие проблеми е редовно поплавување на делови од Јеенимале, Бадембалари и Баир. Во извештај на КЈП Нискоградба се наведува дека поплавите се резултат на нефункционална и дотраена канализација, додека атмосферските шахти и сливници се чистат според можностите и обемот на работа“, се наведува во Акцискиот еколошки план.
Едно од можните решенија е изградбата на нов колекторски систем, реконструкција на дотраените делови и изградба на пречистителна станица за отпадни води. Проектот предвидува и канализација за Горно Оризари, реконструкција на мрежата од Солунска до Широк сокак, изградба на главни колектори, пумпни станици и притисочни цевководи за околните села. Сепак, овој план засега останува само на хартија. Иако јавната набавка е завршена, договорот со изведувачот сè уште не е потпишан. Доколку не се започне со реализација, постои ризик да се изгубат европските средства кои мора да се искористат до крајот на годината.
Проектот, кој би можел значително да ја подобри состојбата и да ги спречи редовните поплавувања, сè уште стагнира.