Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција
Одговорот е делумен, бидејќи во него не се состојат детали ниту описи што точно е пријавувано. Сите пријави биле заведувани како „поплаки“ – нешто што полицијата често го прави за да избегне известување на јавен обвинител. Нема ниту детали што е преземено по овие поплаки.
Во електронскиот билтен на СВР Скопје во периодот од 2013 година до 2019 година евидентираат 4 поплаки против Илија Стефановски и тоа на 25.11.2013 година од страна на лицето М.Д. поднесена е поплака во полициска станица Центар против Илија Стефановски, пишува во одговорот што „Слободен печат“ го доби од Министерството за внатрешни работи.
Само еден месец после оваа поплака во 2013 година, друга девојка Л.Д. поднела поплака во истата полициска станица Беко. На 30.12.2016 година лицето Т.Н. поднела поплака во полициска станица Аеродром против Илија. Три години подоцна, на 27.05.2019 година четвртата девојка Т.Д. во Беко поднела поплака против него.
Дали и како било постапено по овие поплаки останува непознато, но пошироката слика е дека полицијата имала сознанија за подолг период во кој жртви на психичко малтретирање биле повеќе девојки. Едната од нив која со него била во врска година и половина веќе го раскажа своето лошо искуство за „Слободен печат“. Сите нејзини проблеми почнале кога му кажала дека не сака повеќе да биде со него што не било прифатено од негова страна. Постојано ѝ ѕвонел, ѝ пишувал, се појавувал на местата каде што се движела, ѝ истурал пијачки. Според нејзините зборови тој имал драматични испади дека ќе си го одземе животот ако не бидат повторно заедно, ѝ го украл мобилниот телефон и во нејзино име пишувал мејлови за да ѝ наштети, па дури и се заканил дека ќе ја убие сестра ѝ.
-Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција, го исконтактираа оттаму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој – раскажува девојката.
Сепак, малтретирањето не престанало – кога веќе не „палело“ постојаното пишување, демнење, одземањето на телефонот… осамнале графити низ Скопје со нејзиното име и презиме и зборот „курва“, но и со имиња и презимиња и навреди за нејзини блиски.
По сето ова, девојката завршила во болница со дупната глава, но до ден-денеска не ѝ е јасно и не може да тврди дека токму Стефановски бил тој што една јануарска вечер во 2014 година ја удрил силно по главата и избегал. Таа била излезена со другарките и кога се враќала дома некој ја удрил силно по главата, ѝ ја украл ташната и избегал. Од силниот удар завршила во болница на шиење на главата, а полицијата не успеала да го лоцира напаѓачот.
Во полиција го споменала неговото име, дека тој би имал мотив за нешто такво, но до денеска не ѝ е јасно и полицијата не утврдила кој ја нападнал таа вечер, кога добила удар којшто можел да биде и смртоносен.
Во полиција Илија негирал сè што ќе кажела таа и го тврдел спротивното – дека „таа е љубоморна, а тој си има девојка“. Со други зборови, вршел проекција и ја обвинувал неа за работите што ѝ ги правел. Кога се проширила веста за двојното убиство и самоубиство, на девојката што се согласи да разговара со „Слободен печат“ ѝ дошло на мисла дека можеби жртвите се нејзини блиски, зашто и кон нив Илија се заканувал на начин како што се заканувал кон таткото на Росица.