Мора да бидеме внимателни, а не импулсивни при носењето на одлуките – вели Муцунски за прашањето за признавање на Палестина
Мора да бидеме дисциплинирани и внимателни, а не импулсивни при носењето одлуки во делот на надворешната политика – порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во однос на прашањето за ставот на земјава за признавање на Палестина.
Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија / Фото: Архива
Во изјавата за ТВ Сител од Њујорк, каде што учествува на 80. Генерално собрание на Обединетите нации, Муцунски рече дека за ова прашање земјава се консултира со стратегиските партнери – САД и Европската Унија, но вели дека консултациите ќе продолжат бидејќи во моментов не постои консензус ниту помеѓу самите земји членки на ЕУ.
„Внимателно ја следиме состојбата. Без никаков сомнеж сме длабоко загрижени од состојбите што се случуваат од гледна точка на меѓународно хуманитарно право во Газа и нема никакви дилеми по однос на нашите позиции за тоа прашање. Сите гледаме што се случува и тоа е несоодветно за 21 век, но тоа не значи дека треба импулсивно и емотивно да реагираме за вакви прашања во делот на позиционирањето на нашата надворешна политика“,
изјави Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија повтори дека консултациите со стратегиските партнери ќе продолжат и кога ќе дојде време ќе биде донесена конечна одлука за признавање или непризнавање на Палестина.
„Но, во момент кога ниту самите земји членки немаат изградено консензус, не е време ние да истапуваме со каква било одлука“,
додаде министерот.
Во Њујорк се одржува 80. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) на кое во главен фокус е тековниот конфликт меѓу Израел и Газа и потенцијалното признавање на Палестина.