СВР Тетово со подготовки за безбедно одржување на празникот Голема Богородица во Лешок

 Секторот за внатрешни работи Тетово ги започна подготвителни активности за непречено и безбедно одржување на традиционалните свечености по повод претстојниот православен христијански празник „Голема Богородица“, кои на 27 и 28 август ќе се организираат во манастирскиот комплекс во село Лешок. Ќе биде воведен посебен сообраќаен режим почнувајќи од 27-ми август во 16:00 часот.

 -При тоа, влезот кон манастирскиот комплекс ќе се реализира преку главната клучка од регионалниот пат кон селото Лешок, а излезот преку локалните улици кон селото Слатино. Со цел полесно да се ориентираат возачите, на неколку места ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација, а ќе бидат распределени и полициски службеници кои ќе го регулираат одвивањето на сообраќајот во двете насоки. Покрај ова, на сите граѓани кои со возила ќе пристигнуваат до  манастирскиот комплекс им се укажува да ги паркираат само на определените локации за таа намена  и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници кои ќе го насочуваат  движењето на возилата кон манастирскиот комплекс и обратно, соопштија од СВР Тетово.

Полицијата ќе следи и дали се почитуваат мерките за превенција од ширење на Ковид-19.

 -СВР Тетово во содејство со Државниот пазарен инспекторат на 27 и 28 август ќе ги зајакнат контролите на угостителските и други објекти во и околу манастирскиот комплекс, а кои ќе се однесуваат на тоа-колку ги почитуваат протоколите за работа поврзани со Ковид-19. СВР Тетово уште еднаш апелира максимално да се почитуваат сите препораки на највисоките здравствени власти и посебно владината Уредба за задолжително носење на заштита на лицата и држење на физичка дистанца, посочија од СВР Тетово.

И тетовската епархија соопшти дека за празникот се почнати подготовки со одредени измени поради состојбата со пандемијата. 

Back to top button
Close