Раното откривање на рак на дојка спасува живот
Жените над 40 години редовно да прават мамографија, да не ја одложуваат, додека помладите редовно да прават ехо на дојка, повикаа денеска лекарите од кумановската општа болница.
Установата има и ехо и мамограф. Раното откривање, спасува живот и ги намалува трошоците за лекување.
-Има два начини да се прегледаат, првиот е преку кабинет за дојка кој го закажуваат матични лекари. И тука, за жал доаѓаат жени со чекање, подолго од шест месеци. Вториот начин е пријавување на жени од 40 до 60 години за скрининг за карцином на дојка, сликите се праќаат во Скопје ги читаат субспецијалисти за болести на дојка. Пристигнуваат резултати, ако има потреба им се прави биопсија и целиот процес се завршува во најкраток можен рок, околу месец дена, изјави д-р Славица Јакимовска, специјалист по радиодијагностика од општа болница Куманово.
Лекарите велат дека во Македонија и во Куманово, генерално во светот, забележана е растечка инциденца и сè помлада возраст на пациентките. Стручните апелираат да се зголеми свеста и да се зајакне процесот на скрининг.
– За жал, намалена е возраста. Дури во 60 проценти самите пациентки откриваат одредени промени, може да се почуствува јазол. Самопрегледите се спроведуваат од 7 до 10 дена по завршување на менструалниот циклус или еден ден во месецот, откако ќе влезат во менопауза да си ги проверат дојките. Некои од нив забележуваат промена на големината, вовлечена кожа, на мамилата, објаснува д-р Јакимовска.
Превентивните прегледи се клучни, особено за жените со генетски предиспозиции. Октомври е прогласен за месец за подигање на свеста за ракот на дојка. Годинава се одбележува под мотото „Секоја приказна е уникатна, секое патување е важно“, бидејќи секое патување е различно. Ракот на дојка е најчестата форма на рак кај жените низ целиот свет, светските податоци во високоразвиените земји покажуваат високи 90 успешност, додека во неразвиените земји, ставките се движат од 40 до 60 проценти.
Октомври е меѓународно признат како месец на свесност за ракот на дојка, познат и како „Розов октомври“. Овој месец има длабоко значење и важна улога во борбата против болеста, која е најчестиот карцином кај жените и водечка причина за смртност кај женската популација.