Дали училиштата треба да воведат часови за евентуална криза?

Германскиот министер за внатрешни работи предлага училиштата да воведат часови за кризни ситуации и можна војна. Додека некои предупредуваат на ширење паника, други веруваат дека тоа е неопходна подготовка
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи, Александер Добринт (ЦСУ), предложи учениците во училиштата систематски да се едуцираат како да реагираат во кризна ситуација и во случај на војна. Тој планира на ноемвриската конференција на министрите за внатрешни работи на германските покраини да предложи воведување на посебни двочасовни предавања посветени на таа тема.
„Важно е младите да разберат какви закани можат да постојат и како да се подготват за нив. Децата се важни пренесувачи на знаењето во семејството“, изјави Добринт за весникот Ханделсблат.
Критики од Левица и АфД, поддршка од Зелените
Предлогот предизвика остри реакции во Бундестагот. Опозициската Левица смета дека на тој начин се „шири страв меѓу децата и младите“, додека дел од десно-радикалната Алтернатива за Германија (АфД) го обвинува министерот за „воено поттикнување“. Пратеникот на АфД, Готфрид Курио, тврди дека Добринт сака „војната да ја направи неизбежен дел од секојдневието“.
Зелените, пак, сметаат дека идејата има смисла, но дека не е доволна. Нивниот пратеник Леон Екерт предлага постојниот „Ден на предупредување“ да се прошири во национален ден на вежби, за граѓаните практично да се подготвуваат за кризни ситуации.
„Луѓето сакаат да бидат подготвени“
Уште за време на претходната влада, тогашната министерка за образование, Бетина Штарк-Вацингер (ФДП), изнесе сличен предлог. Таа тогаш се повика на практиката во Велика Британија, каде што вежбите за итни ситуации се дел од училиштниот програм.
Сегашниот министер Добринт најавува и нов „пакт за заштита на населението“, кој би опфатил унапредување на системот за алармирање, определување на заштитни простори и обезбедување на основни намирници во вонредни околности.
„Нема ништо лошо во тоа секој дома да има основни залихи храна, батерии и радио на курбла. Тоа не е паника, туку разумна подготовка“, изјави Добринт.
Тој додаде дека интересот на граѓаните за прирачници за цивилна заштита е голем и покажува дека луѓето „сакаат да бидат подготвени“ во случај на криза“.
 
					





