Кој е Зохран Мамдани, фаворит за градоначалник на Њујорк?

Денеска (4 ноември), најголемиот град во САД го завршува гласањето на изборите за градоначалник во 2025 година. Кандидати се Зохран Мамдани, Куртис Слиуа и Ендру Куомо.
Слиуа, кој се смета за аутсајдер во трката, конзервативец, е радио водител кој се опишува себеси како популист и е познат во градот по групата за спречување на криминалот Ангели чувари. Ендру Куомо, кој се смета за центрист, поднесе оставка од функцијата гувернер на Њујорк во 2021 година по обвинувањата за сексуална злоупотреба. А, по изненадувачката победа на Мамдани на демократските прелиминарни избори во јуни, тој одлучи да се кандидира како независен кандидат.
Тоа го остава Мамдани како јасен фаворит.
Кој е Зохран Кваме Мамдани?
Мамдани е роден на 8.10.1991 година во Кампала, Уганда, како Зохран Кваме Мамдани. Тој е муслиман со индиско потекло. Неговата мајка Мира Нејр е позната режисерка, а неговиот татко Махмуд Мамдани е научник. Семејството се преселило накратко од Уганда во Јужна Африка кога Зохран имал пет години, пред да се пресели во Њујорк две години подоцна. Тој го опишал своето растење како „привилегирано“, но признава дека неговото искуство не било типично за градот.
Неговиот политички подем бил брз. Тој е избран во Собранието на државата Њујорк во 2020 година, кога ја објавил својата кандидатура за градоначалник во октомври 2024 година, многумина веруваа дека е непознат и дека нема шанси да се приближи до номинацијата. На крајот, неговата победа над Куомо беше убедлива – тој освои 56,4 проценти од гласовите.
Мамдани е обожавател на хип-хопот и самиот настапувал и продуцирал музика во тој жанр. Тој навива за неколку спортски клубови, меѓу кои и бејзбол тимот Њујорк Метс, американскиот фудбалски тим Њујорк Џајантс и лондонскиот Арсенал.
Кои се неговите политички ставови?
Делумно благодарение на неговата претходна работа помагајќи им на сиромашните да избегнат иселување, достапните станови станале ‘рбетот на неговата кампања.
Во метрополата која има најскапи кирии во светот – каде што просечен стан со три спални соби чини 8.500 долари месечно – неговите повици за замрзнување на кириите на становите со регулирана кирија, изградба на попристапни станови и за заострување на контролата врз приватните сопственици на недвижности наидоа на одобрување.
Неговото членство во Демократските социјалисти на Америка дополнително ги потврдува неговите верувања. Тој се залага за единствен данок од 2 проценти на приходите над 1 милион долари годишно, зголемување на данокот на добивка, воведување бесплатен градски автобуски превоз, минимална плата од 30 долари на час (наместо сегашните 16,50 долари) и проширување на јавната грижа за деца.
Кандидатите за градоначалник на Њујорк, Кертис Слиуа, Ендрју Куомо и Зохран Мандани стојат на пултови за време на телевизиска дебата Кандидатите за градоначалник на Њујорк, Кертис Слиуа, Ендрју Куомо и Зохран Мандани стојат на пултови за време на телевизиска дебата
„Мора да зборувате јазик кој секој го разбира и со кој може да се идентификува“, изјави Мамдани за британскиот неделник Њу стејтсмен во септември. „И мора да зборувате за борбите кои луѓето ги имаат секој ден. Демократската партија често зборува за демократијата, но ако не можете да си дозволите да живеете во град кој го нарекувате свој – немате време да се грижите за вредностите.“
Што велат критичарите?
Бидејќи неговите принципи се значително полево од американскиот просек, Мамдани има многу критичари. Некои веруваат дека неговата форма на социјализам го прави поларизирачка фигура – дури и во либералниот Њујорк.
„Стравот го предизвикуваат истите причини како и кога станува збор за претседателот Трамп – кој напаѓа различни групи и зборува за цели заедници на негативен начин. Зохран Мамдани го прави истото – само што тој зборува за обичните демократи и републиканци“, рече поранешниот гувернер на Њујорк, Дејвид Петерсон.
Неговата отворена поддршка за Палестинците, исто така, предизвика реакции во градот со најголемо еврејско население во светот надвор од Израел.
„Да бидам јасен: верувам дека Зохран Мамдани е опасност за еврејската заедница во Њујорк“, рече рабинот Елиот Косгроув од конзервативната синагога Парк Авенју во проповед претходно месецов. Сепак, тој став не е широко прифатен меѓу Евреите во Њујорк – многумина јавно ја изразија својата поддршка за Мамдани.
Американскиот претседател Доналд Трамп во темно син костум, бела кошула и црвена вратоврска излегува од порти на зградаАмериканскиот претседател Доналд Трамп во темно син костум, бела кошула и црвена вратоврска излегува од порти на зграда
Од друга страна, бизнисмените се загрижени. Познатиот инвеститор Бил Акман објави на платформата X дека „антибизнис политиките на Мамдани, вклучително и повисокиот данок на добивка, ќе ги уништат работните места во Њујорк и ќе ги натераат компаниите да побегнат“.
Зошто е важна функцијата градоначалник на Њујорк?
Со речиси 8,5 милиони жители и околу 65 милиони посетители годишно, Њујорк е глобален културен и финансиски центар кој се соочува со сериозни предизвици во домувањето, транспортот и јавните финансии. Градоначалникот има буџет од 116 милијарди долари и има широки овластувања.
Доколку Мамдани победи, неговите судири со Доналд Трамп – и самиот жител на Њујорк – речиси сигурно ќе станат тема што се повторува. Трамп веќе го нарече „комунистички лудак“ и „катастрофа која речиси ќе се случи“. Мамдани, од друга страна, рече дека ќе се обиде да соработува со претседателот за доброто на градот, но дека нема да биде заплашен.
Со оглед на тоа што нивните политички ставови се дијаметрално спротивни, односот меѓу претседателот и, веројатно, новиот градоначалник на Њујорк би можел да стане уште едно бојно поле на американската политика.(dw)






