Крај на „американската ера“, паника во ЕУ, нова војна на хоризонтот

Денко Малески

На нашите НАТО и ЕУ сојузи не им цветаат ружи. Америка најавува повлекување на дел од своите трупи од Бугарија, Романија, Полска и земјите на Балтикот. Во отсуство на минимална согласност меѓу завојуваните страни, прокси-војната во Украина не може да се затвори со мировен договор, па, се чини, ќе биде решена на теренот. Руските трупи напредуваат. Европските политичари,без поддршка на своите гласачи за војна со Русуја, се во паника пред можноста од континентот да се повлече американскиот „помирител“ и намерно ја ескалираат војната во Украина,за го задржат американското присуство. Некни, Урсула фон дре Лајен го најави најновиот (дваесетти по ред!?) пакет санкции кон Русија кои немаат одлучувачки ефект врз војната. Русија,пак, после „Орешник’, го испроба „Буревесник“,ракета на нуклеарно гориво со неограничен домет. Трамп најави нуклеарни проби, а Путин дека Русија ќе одговори на истиот начин. Во оваа ситуација, светскиот мир виси на конец. Никој свесно нема да започне нуклеарна војна, но шансите нешто и некаде да тргне наопаку и светот да почне неконтролирано да се лизга кон Армагедон, се огромни.
Сите страни се чувствуваат загрозени. Русија го прогласи ширењето на НАТО во Украина за „егзистенционална закана“. Украина ја смета Русија за „егзистенционална закана“. Европската унија ја смета Русија за „егзистенционална закана“. И додека не е тешко да се разберат Руската и Украинската „егзистенционална закана“, третата е проблематична. Имено, европскиот наратив со кој се мобилизираат народите, се базира на опасноста од освојувачки поход на Русија во Источна а потоа и во Западна Европа. Ако не се сопрат во Украина, вели оваа теза, руските војници ќе го освојат Париз. Се разбира дека ова се глупости. Едноставно, и кога би сакала, Русија ја нема таа моќ. Москва се воздржува да ја стави под своја контрола Западна Украина, заради очекуваниот отпор на Украинците таму, а камоли Источна и Западна Европа. Својата цел, Москва јасно ја кажа уште пред да почне војната: да се отклони опасноста ривалската голема сила воено да се инсталира во Украина. Оттаму и руската стратегија на завземање на делови од Украина во кои живее руско насление и нивно поврзувње со Крим на Црното море. Таа цел Путин ја оствари уште на самиот почеток на војната, го смени уставот и, на церемонија во Москва, ги приклучи четрите области на Донбас кон Русија. Потоа, отпочна „војна на исцрпување“ на противникот која трае веќе три години.
Наспроти желбите на челниците на ЕУ, работите веќе не можат да се вратат назад. Сите шанси за мирно решение на спорот меѓу двете големи сили се намерно пропуштени заради остварувањето на примарната цел на војната: да се ослабне Русија, ривалската голема сила и да се демонтира нејзината автократија на чело со Пуитин. Планот не успеа. Сега, откога е пролеана крв на млади руски војници, шансите за повлекување на окупаторските едниници и враќање на мировните договори „Минск 1“ и „Минск 2“ се никакви. Москва нема да дозволи да биде прелажана уште еднаш, одбива прекин на огнот и „замрзнат конфликт“и бара трајно решение со адресирање на причините за војната. Украина ќе биде поделена. Како, допрва ќе видиме. Едно истражување покажува дека најголема поддршка за поделба има во источниот дел на земјата населен со Руси и во Западниот, со етнички Украинци. Првите, да се потсетиме се православни христијани а вторите се католици. Првите го веат руското знаме а вторите украинското. Но, меѓу овие два дела живеат и православни Украинци кои го веат знамето на Украина.
И додека Трамп дава мешани сигнали, за и против исполнување на руските барања (признавање на територијалните освојувања, неутралност на Украина и нејзино разоружување) и мака мачи со своте „јастреби“, руските услови се тотално неприфатливи како за Украина така и за ЕУ. Нејзината политика е да се продолжи со војната до победа и до повлекување на руските војски од Украина. Тоа, ќе забележите, е политика која доследно го брани принципот на неповредливоста на границите во Европа. За жал, за голема жал, она што е можно во идеалниот свет на меѓународното право ( во кој, патем кажано, живее и македонското политичко раководство), не е можно во реалниот свет на меѓународната политика, во која моќта е пресудна. Приказната е малку посложена. Вистина е дека ЕУ е под „егзистенционална закана“ од Русија, но таа не е закана од инвазија на руски војници на Франција или Германија. Такво нешто нема да се случи. Заканата по ЕУ доаѓа од загубена војна во Украина која може може да го означи крајот на НАТО и на ЕУ, какви што ги знаме денес. Имено, загубената војна ќе го забрза повлекувањето на Америка од Европа и, со самото тоа, ќе ги активира центрифугалните сили на противречни интереси внатре во Унијата која тешко ќе најде согласност за заедничката безбедносна и надворешна политика визави Русија.
И како ништо од ова да не му е доволно на светот, па,под изговор дека од таму се шверцува дрога во САД, администрацијата на Доналд Трамп сака да отвори нова војна во Венецуела.Статистиката покажува дека 95 посто од дрогата во Америка доаѓа од Колумбија, дека максималниот домет на бротчињата кои се бават со шверц се островите Тринидад и Тобаго а не бреговите на САД, но американските воени сили ги ништат со ракети. Причина за војна на Америка со Венецуела? Забележуваме дека веќе не се користи, како некогаш, идеолошкиот речник на загрозена демократија и не се крие дека олигархијата богати луѓе околу претседателот Трамп е решена да ја стави под своја контрола земјата со најголеми залихи на нафта во светот, но и други природни богатсва, држава со големина на Франција и Германија заедно. Во кулуарите на вашингтонската политика се шепоти уште еден слоган:„Кина надвор од Латинска Америка!“. Колку утре, тој шепот би можел да прерасне во воен поклик. Воена интервенција бара водачката на опозицијата во Венецуела, десничарката Марија Мачадо, која некој ја нарече „Пиноче од Венецуела“, инаку, добитничката на нобеловата награда за мир за оваа година. Во вакви срамни ситуации, разбираме зошто, своевремено, Жан Пол Сартр ја одбил нобеловата награда од милион долари. Знаејќи кому се му била доделена и кому се би можела да му се додели, Сартр изјавил дека не сака до неговото име засекогаш да стои „добитник на нобеловата награда“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close