Македонија тотално осамена!?

Мерсел Биљали

Коментирајќи ја улогата на историјата во водењето државни работи, Абрахам Линколн рекол: „Го почитувам многу мојот дедо, но повеќе се грижам што може да се случи со неговиот внук“!

А ние, на нашите потомци во име на некакво лажно „славно минато“, безмилосно им ја уништивме иднина, која тие биле приморени да ја бараат насекаде на друго место по светот, ама не во својата домовина! Како да не можеме да разбереме дека историјата треба да биде помалку наследство од нашите предци, а повеќе позајмица за идните генерации. Но евтини луѓе скапо ја чинат општеството.

Владата на ДПМНЕ веќе ги освои сите нивоа на власт – законодавна, извршна, локална, медиумска, и е на пат да ја узурпира и судската власт. И што е следно?! Башка што таа нема никаква волја за деблокирање на ЕУ интеграцискиот процес, дури го прави спротивното. Сега, покрај „гаранции за понатамошно неблокирање“, таа како алиби за да не најде решение бара некаков „реципроцитет“ за малцинствата со Бугарија! Значи, бара нешто што не сака да го најде! Власта не разбира дека подобро е да запалиш свеќа отколку да ја проколнуваш темнината. Та не знае дека за некој што не знае каде оди, секој пат води кон таа насока. И ќе изгубиме уште многу години, и можеби конечно ќе дојдеме до прашањето за опстанок како држава. Не ни доаѓа умот што загубивме 35 години и половина од младото население, за пак да дојдеме до ептен неповолно решение. Можело со „Република Македонија – Скопје“ и тоа само за надворешна употреба и ќе станевме членка на ЕУ меѓу првите држави од поранешен социјалистичи блок, со развој скоро како Словенија. Ама имаше дефицит за државност кај „патриоти без струја“ и „државници на батерии“.Пропуштивме многу шанси, а потоа и тие нè пропуштија нас. Секое задоцнување носи „политичка камата“. А сегашното задоцнување сосема лесно може државата да ја доведе до стечај и ликвидација.

А опозицијата е во сериозна хаварија, и не знае што да прави со себе. Всушност, општ впечаток е дека веќе воопшто и немаме опозиција! „Левица“ која претендира, таа ниту по изглед, ниту по конструкција не може да биде тоа. Ама ниту СДСМ како таков. Таа партија веќе нема сила ниту пред огледало да го погледне своето лице од тешкото изборно нукаутирање, за да види како да ги санира лузните. Погрешно е да се бара оправдување во „случајното“ пиење кафе и ручење на „Папата“ со ВМРО-ЗНАМската структура. Имено штом успева да ве руши „пиењето кафе“ на човек кој со катастрофална приватизација трајно ја инвалидизирал државата, тоа значи дека сериозно нешто кај вас самите не функционирал. Во 1992 година, меѓу 16 држави од источно социјалистички блок, плус Кипар и Малта, ние бевме втора по развиеност. Само Словенија била пред нас. Сега и Полска, и Естонија, и Чешка стана високоразвиени држави, а сите други, вклучително и Бугарија и Романија се движат со брзо темпо.

Филипче и како експерт и како човек е одличен, но претходното прокоцкање на силната енергија од „шарената револуција“ веројатно има оставено длабоки рани. Сега е потребно генерално програмско рестартирање, со други луѓе и дијаметрално поимаков пристап. Потребно е сериозна и компетентна визија како до економски развој. Како до модерно земјоделие и сточарство, како рурален и планински туризам, Каква индустрија ни треба. Тоа мора човек кој има одлично познавство по економијата.

Во Брисел никој не е загрижен за Македонија!

Гледајќи го целиот ваков мозаик на состојбите, Македонија се наоѓа во екстремно лоша состојба. Таа со силен глас а слаби докази останува осамена, дури сериозно ја прокоцкува својата иднина. Таа е се повеќе осамена. Нејзиниот неформален сојузник (Србија) е на прагот на граѓанска војна. Унгарија на Орбан се тресе од силна инфлација, а опозиционерот Петер Маѓар ги полни плоштадите. Нашиот „херој“ Додик си се продаде на американците. Црна Года и Албанија се на самиот праг на ЕУ. Македонија останува без ниту еден сојузник. Дури и при вакви силни турбулентни регионални геостратешки поделби, Македонија е сосема осамена. Договорот меѓу Трамп и Путин ја исклучуваат Русија од Балканот, а и САД немаат многу интерес да се посветат на овај преколнат регион. ЕУ веројатно ќе се фокусира на Украина и Молдавија со многу финансии. Ќе инвестира многу во идна воено неутрална Украина, со цел економски да влијае врз смената на режимот на Путин.

Додека Албанија се движи со светлосна брзина кон крајот на преговорите, ние сè уште сме во фаза на игнорирање на тоа „извештајче“. Имаме долг јазик, побрз од мислата, и кратка желба да го држиме меѓу забите! Имаме долг јазик побрз од мислата и кратка желба да го држи зад заби! „Завршивме со отворањето на пет групни поглавја во рекордно време. Верувам дека ќе го завршиме и отворањето на шестото групно поглавје и ќе ја затвориме годината со сите отворени поглавја“, рече премиерот на Албанија Рама, наведувајќи дека „многу добро ги знаеме задачите“. Оној што го гледа невидливото и го слуша нечујното, го постигнува неверојатното.

Ама Македонија е веќе полна со празни луѓе. Таа продолжува да страда поради големите зборови на „големи патриоти“ зад кои има само празни дела. Лесно е да се биде евтино политичарче, но тешко е да се стане скап водач. Само силни лидери носат тешки товари, а слабите лидери имаат само лесни зборови. А зборовите се бесплатни, но можат да бидат многу скапи за голема маса луѓе. Имено, понато е дека шом лагата ќе излезе на површина, вистината тоне длабоко.

Државата продолжува да тоне и тоне во секој момент, и дилемата веќе е дали воопшто ќе може да преживее! Со години се удира по нејзините столбови, наместо да се посветиме на опуштање на меѓуетничката клима, расчистење со криминалот, враќање на нелегално стекнатиот имот и одење економски напред. Ако премиерот има барем малку интегритет, нека донесе закон со кој ќе се конфискува секој имот чие потекло не може да се докаже. И тоа за секој граѓанин, бидејќи владините арамии не се доволно глупави да го регистрираат целиот нелегално стекнат имот на свое име. Земјата, за која кинеските експерти за инвестиции велат дека може да издржи дури 25 милиони жители со многу повисок стандард од постојниот. Тајван, и по население, и по територија, и по развој, е типичен пример за тоа. Дефинитивно нешто ептен сериозно фали кај нас, а тоа се маскира со големи лаги за идентитети, со национална гордост, а овие атрибути ги има се помалку во земјата! Со години живееме во тотална економска безидејност. Тоа ќе прави државата да исчезне по природен пат, а и ние со неа. Потонуваме, а живот не е за да потонеме туку за да пливаме. Тука, популизмот заснован на жалење за минатото, „грижа“ за сегашноста и незнаењето за иднината ни стана и хроничен хендикеп и опасно минско поле. Тука веќе имаме бројни „акумулатори“ за акумулирање гнев.

Колку вреди човекот покажува примерот на Словенија. Таму министрите за внатрешни работи и правда, Поклукар и Катиќ, поднесоа оставки поради едно убиство. А тука, луѓето беа горени по „модуларни болници“, по автобуси, по „дискотеки“, а никој не презеде ни трошка одговорност. А да не зборуваме за кривичната одговорност за виновните, производителите, а и за оние што со влијание штитеа објекти опасни по животот.

Како првачиња ќе изброиме задачи – уставни измени, мерит-систем, владеење на правото, професионална администреција, здрава срдина, квалитетно образование и точка. Лесно е да носиме празна вреќа отколку полна, но реално нема ништо во празна вреќа. Ретко некој ќе спомнува „економија“, „земјоделство“, „сточарство“, „рурален туризам“ итн. Секоја елментарно нормална власт (а такви немаме со деценија), најпрвин треба да се распраша како тоа нашето земјоделие во нијанси се разликува од времето на феудализмот. Во Швајцарија и Холандија секој квадратен метар мора да се користи. Државата помага со идеи, инстукции и финасии, а тоа повеќекратно се враќа во буџетот. Експерти од Запад велат дека со добра организација вие можеме да стасате до сто милиарди евра извоз. Холандија која е нешто поголема од Македонија лани направила извоз од 123 милјарди евра од земјоделието! А ние сме под смешни милjaрда евра годишно. Можевме да направиме бум во руралниот и планинскиот туризам, но никој не помислува тоа да го спроведе во идеја и акција! Во Кина, Замбија и Боцвана пустините се претворуваат во агропрокуција.

Ништо во животот не треба да нè плаши. Треба само да разбереме. А сега е време да разбереме повеќе, за да можеме да се плашиме помалку. Оти најголемиот ризик во животот е да не ризикувате ништо.

 

Back to top button
Close