Тинејџери поднесоа тужба пред Врховниот суд против забраната за социјалните медиуми во Австралија

Забраната за социјалните медиуми за деца во Австралија е оспорена во највисокиот суд во земјата, при што двајца тинејџери тврдат дека законот е неуставен бидејќи им го одзема правото слободно да комуницираат.

Компаниите, вклучувајќи ги „Мета“, „ТикТок“ и „Јутјуб“, мора да обезбедат дека Австралијанците под 16 години не можат да имаат профили на нивните платформи од 10 декември.

Законот, кој внимателно се следи низ целиот свет, е бранет од активисти и влади како неопходен за заштита на децата од штетна содржина и алгоритми.

Но, 15-годишниците Ноа Џонс и Мејси Нејланд, кои се поддржани од група за човекови права, ќе тврдат дека забраната целосно ги занемарува правата на децата.

Австралиската министерка за комуникации Аника Велс истакна дека Владата нема да се повлече.

– Нема да не заплашат закани, правни предизвици и големите технолошки компании. Во име на австралиските родители, ќе стоиме цврсто, рече таа.

Проектот за дигитална слобода (ДФП) објави дека случајот е поднесен во Високиот суд денеска. Групата на својата веб-страница изјави дека тинејџерите зависат од социјалните медиуми за информации и поврзување и дека забраната може најмногу да им наштети на најранливите деца, младите со попреченост, децата од руралните и оддалечените области и ЛГБТИК+ тинејџерите.

Предводен од пратеникот на Нов Јужен Велс, Џон Радик, ДФП изјави дека нивниот предизвик ќе се фокусира на влијанието на забраната врз политичката комуникација и дали таа е пропорционална на целите на законот.

Наместо забрана, групата тврдеше дека треба да се користат други мерки за подобрување на безбедноста на интернет, како што се програми за дигитална писменост, задолжителни функции соодветни на возраста на платформите и технологии за проверка на возраста што подобро ја штитат приватноста.

Иако компаниите што ќе мора да го спроведуваат законот се противат на забраната, повеќето возрасни го поддржуваат, покажуваат анкетите.

Back to top button
Close