Училиштата во Велес генерално подготвени за новата учебна година

 Во просториите на Општина Велес градоначалникот Аце  Коцевски вчера имал работен состанок со директорите на образовните институции на територијата на општината. На прес-конференција денеска тој соопшти дека на состанокот се разговарало за подготовка на новата учебна 2020/2021 година, за протоколите и тимовите кои работат на организација и реализација на наставата и начинот на нејзино изведување.

Коцевски  информираше дека се разговарало за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат училиштата во актуелната ситуација со КОВИД-19 и дека според директорите училиштата се генерално подготвени за отворање.

Директорите известија дека училиштата се генерално подготвени за реотворање, наставниците се обучуваат за онлајн-настава. Избрани се образовни платформи преку кои ќе работат со учениците, се преземаат најстроги мерки со кои најдобро ќе се заштити здравјето на учениците и  на вработените во основните и средните училишта, рече Коцевски.

Додаде дека на состанокот биле донесени предлог-заклучоци кои како мислења ќе му бидат доставени на Министерството за образование и наука за да одлучи за идни чекори кои, пред сè, ќе значат заштита на учениците и наставниците, а сепак да се задржи квалитетот на наставата.

Back to top button
Close