Не спроведувал одлуки, се создавале диви депонии, се загрозила животната средина – обвинение за екс в.д. директорот на Комунална хигиена

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, истрагата утврдила дека во текот на октомври годинава, обвинетите со сериозни пропусти во надзорот и управувањето со комуналниот отпад овозможиле состојба која можела да доведе до значително оштетување на почвата, воздухот и водата, како и до опасност по здравјето и животот на луѓето и уништување на растителниот и животинскиот свет.

Првиот обвинет, вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, според наводите во обвинението, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието и Законот за комунални дејности. Тој не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за реализација на деловната политика, не ги извршувал работните обврски од својот делокруг и не преземал мерки за заштита на животната средина.

Како одговорно лице во јавно претпријатие кое е давател на комунални услуги, обвинетиот бил должен да обезбеди континуирано и квалитетно собирање и транспортирање на отпадот, како и одржување на објектите, опремата и уредите во функционална состојба, но тоа не било сторено, наведува обвинителството.

Вториот обвинет, управител за отпад – подгрупа 5, давател на услуги во областа на комуналните дејности, кој поседувал уверение за положен стручен испит за управување со отпад издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со директорот, според обвинението, со умисла постапувал спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад.

Наместо да преземат законски предвидени мерки и активности, обвинетите не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.

Поради неизвршување на основната дејност – редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, како и непобарана измена на Оперативниот план и програмата, обвинетите овозможиле создавање депонии на јавни и сообраќајни површини, каде отпадот бил одлаган во непосредна близина на садовите за собирање.

Со оглед дека истражната постапка е завршена и дека обвинетите повеќе не можат да влијаат врз доказите, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост. Меѓу нив се: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во судот и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.

За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството побара и дополнителна мерка – привремена забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело, односно отстранување од работното место до завршување на постапката.

Back to top button
Close