Оваа надворешна политика не води никаде

Денко Малески

Кога, пред дваесетина години, еден од моите пост-дипломци го праша амбасадорот на НАТО во Македонија Ник Бигман што ќе стори воениот сојуз за да не примат во членство, зашто македонското јавно мислење се свртува против алијансата, тој одговори со еден збор:„Ништо“.

Потоа објасни дека НАТО е сојуз на демократии во кој доброволно се влегува, па на аспирантите е да ги исполнат барањата на сојузот, а не обратно. Се потсетив на оваа епизода читајќи во „Либертас“ утрово, дека претседателката Силјановска-Давкова, во вчерашно интервју, најбројува работи кои ЕУ „мора“ да ги направи ако сака да не види во членство!? За жал, и во овој случај, како и пред дваесет години со НАТО, ЕУ не мора ништо, а ние мораме се.

Едно од основните начела на анархичната структура на меѓународниот поредок на држави е начелото на „самопомош“(self-help ). Или, народски кажано, помогни си и Господ ќе ти помогне. Така е во реалниот свет. Само во идеалниот свет, значи во свет кој го гледате преку диоптријата на правото, може да барате во меѓународната политика да нема двојни стандарди, на пример. Или да брате да нема вето. Или да брате сојузот да не ги брани интересите на своите членки. Или да брате некој друг нас да не држи во кондиција наместо самите да ја стекнеме таа кондиција трчајки секој ден по решение на проблемот. Или ние да бараме од сојузот да најде „креативно решение“ кое, згора на се, треба да ја обедини власта и опозицијата. Да ја обедини околу што? Околу одбрана на националниот интерес? И кој кажува што е национален интерес, само една партија?

За опозицијата, на пример, национален интерес е да се прифати „францускиот предлог“за да се откочат преговорите. Тие, колку знам, од таа политика не се откажаа со губењето на изборите. Рекоа само дека ќе поддржат подобро решение кое го вети новата власт на изборите. И така треба да остане во една либерална демократија во која луѓето и партиите не се принудуваат да се откажат од своите ставови и да ја остават државата без алтернативна политика. Конечно, не еднаш се случило денешното табу да стане утрешно решение. Во овој факт е и тајната на виталноста на либералните демократии кои се менуваат и не имплодираат како автократиите. Можеме, колку што сакаме, да се залажуваме со правото и правдата, но тој пат не само што не води никаде во меѓународната политика, туку неакцијата и правниот идеализам кои тие го предизвикуваат, може да бидат опасни за државата. Имено, во меѓународната политика изборот не е помеѓу добро и лошо решение, туку помеѓу лошо и полошо. Може ли да ни влезе во глава овој прост факт докажан толку пати во меѓународните односи? Затоа, ако навистина сака решение за ЕУ членство, власта мора да го избере помалото зло а не да инсистира на невозможното: со помош на правото, да ја спаси државата од секакво зло. Оти, колку и намерите да се добри и, за гласачот, прифатливи, таквиот популистички пристап може да предизвика трагедија.

 

Back to top button
Close