Нуклеарна ескалација на војната во Украина
Денко Малески
Пред нова година, додека светот се подготвуваше да ја пречека новата 2026, дојде до нуклеарна ескалација на војната во Украина. Претставниците на НАТО алијансата, без преведувачи и друга администрација, биле свикани на итен, вонреден состанок во три часот по полноќ. Точката на дневен ред била распоредување на руски нуклеарни ракети од среден домет на Крим, во Калининград и во Белорусија. Како разбирам, согласно протоколите, за ова биле известени од руска страна. Се дознава и дека се извршени промени во нуклеарната доктрина на Русија со напуштање на одредбата дека нема употреба на нуклеарно оружје без изрично одобрение на претседателот Путин. Според новите правила, такво овластување добиваат и командантите на гарнизоните во случај на преркинати комуникации со Путин. Во меѓувреме, во руската Дума е отворена дебата за преименување на досегашната „специјална воена операција“ со декларација на војна со Европа. После највената најнова мобилизација, се очекува зголемување на војската од сегашните 900,000 на 1,500,000 војници.

Се смета дека нападот со 90 украински дронови врз резиденцијата на Путин, кој се случи пред нова година, е трет по ред обид за атентат на претседателот на Русија. Проценките се дека ова е направено од западните известителни служби, без знаење на Зеленски, кој во тој момент беше на разговори со Трамп на Флорида. Овие обиди да се минираат мировните напори, се резултат на погрешното разбирање дека украинската војна е војна на еден човек – Путин и неговите агресивни и мегаломански идеи за Голема Русија. Согласно ова разбирање, елиминирањето на рускиот претседател ќе значи и крај на војната, кога реалноста кажува дека него би го заменил некој неспоредливо поагресивен. Никој не ја зема предвид депешата на поранешниот американски амбасадор во Москва, а подоцна и шеф на ЦИА, Вилијам Бернс напишана години пред војната, за расположението на руската политичка елита кон проширувањето на НАТО во Украина. Во депешата тој пишува дека неподелено е мислењето против и дека секаде го добивал истиот одговор: „њет“.
И додека претседателот Трамп и неговата директорка за национална безбедност Гарбер имаат кажано експлицитно дека ширењето на НАТО во Украина и безбедносните грижи на Русија визави оваа најнова експанзија на западната моќ кон границите на Русија, е причината за руската воена интервенција, европските политичари никако да ја апсолвираат оваа тема. Имено, дека не само Украина, туку и Русија има право да бара безбедносни гаранции. Иако го имаат примерот со Кубанската ракетна криза и спремноста на администрацијата на претседателот Кенеди да ризикува нулеарна војна со СССР за да ја отклонат опсноста по сопствената безбедност, тие одбиваат да прифатат дека ситуацијата е идентична. Дека, како тогаш Америка, денес Русија е подготвена да ризикува нуклеарна војна во отпор кон она што го смета за „егзистенционална закана“. .
Во меѓувреме, расте нетрпението во Русија со поведението на Западот на теренот на Украина и нивните воени екскурзии длабоко на територијата на нивната земја. Расте и притисокот врз Путин одлучно да одговори на воените провокации организирани од известителните служби како ЦИА и Ми-6 и од офицери на Алијансата кои оперираат на теренот. После преходните два обиди за атентат на Путин, немаше реакција од Москва. После последниот со резиденцијата, се јави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со изјава дека овој пат ќе има одговор. Кога и каков останува на руската страна да определи. Бидејќи изјави на големи сили кои не се поткрепени со акција значат губење на кредибилитет во очите на светската и домашната јавност, може да се очекува руска одмазда во блиска иднина. Ни на Трамп не му цветаат ружи. Неговиот проблем е што не може да го испорача мирот кој го ветува. Наидува на силен домашен отпор од „длабоката држава“, воено-ндустрискиот комплекс и Конгресот кои се повеќе на линија на воинствените европски политичари како Стрармер, Макрон и Мерц.
Мирот меѓу нуклеарните сили во текот на Студената војна почиваше врз „рамнотежа на стравот“. Што ќе биде со мирот денес, кога, се загуби стравот?






